1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија на патот кон НАТО и ЕУ - дебата на Штуловиот универзитет

Свето Тоевски21 март 2008

Во организација на германската фондација Конрад Аденауер на Штуловиот универзитет во Тетово се оддржа дебата под наслов „Патот кон ЕУ - Македонија во 2008“. На дебатата се дискутираше и за спорот со Грција.

https://p.dw.com/p/DSKb
Ралф Брет, германскиот амбасадор во Македонија (фотоархива)Фотографија: MIA

На Штуловиот универзитет во Тетово се оддржа дебата под наслов „Патот кон ЕУ – Македонија во 2008“. На неа Алан Бергант, амбасадорот на Словенија, земјата - моментен претседавач со Европската унија истакна „Ги повикуваме Атина и Скопје самите да изнајдат разумен компромис, без диктати од страна, за да може Македонија да ја добие поканата за НАТО, без грчкото вето“

Германскиот амбасадор Ралф Брет пак од своја страна рече дека за неговата земја Грција е сојузник, но и оти Германија сака да ги промовира македонските евроатлантски аспирации.

Конверзација на студентите со двајцата странски дипломати

„Кој е проблемот со македонскиот влез во Европската унија и во НАТО, дали прашањето на името е само билатерален проблем со Грција, или има уште некој проблем во преговорите, за кој ние не знаеме?“

„Тоа не е некој посебен проблем, ниту постои црна точка врз Македонија“ – кажа германскиот амбасадор Ралф Брет и продолжи: - „Најдобро е двете инволвирани држави да го надминат проблемот, бидејќи членките на НАТО, без прифаќањето на Грција, не можат да го решат тоа прашање“.

Словенечкиот амбасадор Бергант со дополна: - „Можеби е сега времето тоа да се реши. За да го видите напредокот, придружете и се на Европската унија!“

Второто студентско прашање гласеше: - „Како да се зачлени нашата земја во НАТО и во ЕУ, кога не се решени проблемите на сите националности, кои треба да ги добијат своите права и да бидат рамноправни?“ Одговори Ралф Брет: - „Тоа не игра улога во евроинтеграциите. Ние имаме листа на критериуми, кои вклучуваат политички критериуми, функционирање на институциите, улога на законот, слобода на печатот, мир и напредок на економско поле. Но, уставот секако дека треба да го третира адекватно најбројното малцинство во земјата“.

Поголем маневарски простор за преговорите за ЕУ

Во јавната дебата на Штуловиот универзитет професорот Димитар Мирчев, претседател на Европското движење на Македонија, истапи со тезата дека се мали шансите на Македонија да ја добие НАТО поканата, но, оти се тие пореалистични кога се работи за евроинтегрирањето. Мирчев потоа во одговорите на новинарските прашања нагласи: - „Ние остануваме во односи со НАТО, кои се правно уредени. НАТО има обврска кон нашата држава, ние имаме обврски во НАТО како членка на ’Партнерството за мир’ и веројатно е, ако се случи ова, дека многу бргу и НАТО самиот пак многу бргу ќе го постави прашањето на членството на Македонија, бидејќи е тоа негов интерес. За Европската унија тука има многу простор, бидејќи во оваа фаза ние не сме апсолутно врзани со билатералните односи со Грција“.

Околу зачленувањето во Унијата словенечкиот амбасадор Бергант беше запрашан: - „Што би одбрале – НАТО, или името на земјата?“ – „Би го одбрал членството во НАТО!“ „Дали тој и сугерира на Македонија да си го промени името?“ - „Не, кажав што би направил јас, што би направила мојата земја“ – посочи Бергант.

Неговиот германски колега Брет со предупредувачки тонови: - „Исто така, и во Европската унија, во контекстот на почнувањето на преговорите, се бара консензус.“