1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија нема алтернатива за НАТО и ЕУ

Костадин Делимитов29 март 2012

Денеска во Скопје се одржува Конференција на министрите за одбрана на САД-Јадранската повелба, на тема заеднички предизвици и здружени решенија. Домаќин е претседателот Ѓорге Иванов.

https://p.dw.com/p/14UD2

Македонија нема алтернатива на НАТО и ЕУ, а членството во овие две институции е клучно не само за неа туку и за целиот регион, коментира дел од експертската јавност во земјата. Изјавата на премиерот Никола Груевски дека засега не гледа сигнал за волја од грчка страна за скорешно решение на проблемот со името, ниту дека НАТО ќе ја прими Македонија како полноправна членка на самитот во Чикаго за универзитетскиот професор Ризван Сулејмани е израз на отвореност кон јавноста за актуелната состојба во која се наоѓа земјата. Македонија според него нема друг безбедносен концепт и систем освен стратегијата за влез во НАТО. Освен пораките на јасна поддршка однадвор многу поважно е постоењето на внатрешен консензус за соживот, смета Сулејмани:

„Најбитно е РМ да има цврст консензус и силна пропаганда дека клучно и најбитно прашање се добрите меѓуетнички односи. А тоа не зависи многу од членството или нечленството во НАТО. Во крајна линија ние имаме членки на НАТО, држави кои се внатрешно поделени, тоа е да речеме Кипар. Она кон што треба да се фокусира не само Македонија туку сите земји кои се малку подалеку од ЕУ е да создадат јавно мислење кај ЕУ и НАТО дека најдобар начин да се стабилизира регионот е преку процесот на демилитаризација, тоа што се случи во сите земји освен со Србија. Значи останува една сила една држава која не е реформирана од одбранбена гледна точка. Уште повеќе што таа сила се уште има скриени директни, или индиректни аспирации кон сите овие земји....Мислам дека меѓународната заедница треба тоа да го сфати“, коментира Сулејмани.

Mazedonien Parlament Skopje
Фотографија: AP

Консензус наместо алтернативи

Со сличен став е и универзитетскиот професор Билјана Ванковска која смета дека секоја држава треба да отвора економски и политички алтернативи. Но во моментов да се бара алтернатива посебно за ЕУ според неа е доцна и вистинско губење на време;

„ЕУ е веќе длабоко навлезена во се она што е наш правен економски, па и политички поредок така што би било помалку губење време по толку многу време, по толку години инвестирање во една насока да се откажете. Меѓутоа тоа не е во спротивност со барање економски алтернативи во други делови на светот, особено оние кои не се зафатени со глобалната економска криза“, смета Ванковска. И таа како и Сулејмани предупредува на неопходноста од внатрешен консензус за надминување на актуелната ситуација на застој која не треба да се гледа исклучиво како сопствена грешка.

Општеството да покаже зрелост

„Зрелоста на македонското општество би требало да се покаже во доаѓање до еден став дека тој период на преживување или бајпасување на овој статус кво мора да го доживееме заеднички како општество, со еден национален консензус и сфаќање дека тоа не треба да биде паричка за поткусурување помеѓу политичките партии или етничките заедници. Во таа смисла јас ги поздравувам сите напори во насока на некакво движење макар е тоа дијалог на највисоко ниво со ЕУ или барање економски алтернативи на друго место. Меѓутоа, сериозниот проблем е внатре во македонското општество кое не е научено да функционира како државна заедница. Се плашам дека тоа е нашата најслаба точка“, коментира Ванковска.

Mazedonien Präsident Gorgi Ivanov
Ѓорге ИвановФотографија: Petr Stojanovski

Во пресрет на самиот во Чикаго, македонскиот државно владин врв активно лобира за поддршка за прием на земјата во Алијансата под привремената референца од ОН. Еден од главните аргументи е пресудата на Меѓународниот суд во Хаг дека Грција ја прекршила Времената спогодба. Сепак ако се суди според оценките дома и пораките од клучните европски лидери дека е потребен договор со Грција нема реална надеж за успех на овој процес во блиска иднина.