1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија платила 1,5 милиони евра за пресудите на Судот од Стразбур

Тони Гламчевски8 октомври 2012

Спроведувањето и извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права бележи позитивна еволуција во земјите членки, констатира Комитетот на Министрите на СЕ, но има предмети чие спроведување оди многу бавно.

https://p.dw.com/p/16M5m
Фотографија: ECHR

Комитетот на Министрите на Советот на Европа, кој е задолжен за спроведувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права, деновиве донесе серија на резолуции меѓу кои и една за Македонија, со која се затвораат 37 предмети, кои се водеа против неа. Во резолуцијата се опфатени предмети, кои Македонија ги решила „спогодбено“ со жалителите со посредство на Судот од Стразбур, додека Комитетот на министрите од своја страна провери и констатира дека при спогодбеното решавање меѓу жалителите и државата биле почитувани одредбите на Конвенцијата за човековите права и нејзините протоколи.

За амбасадарот на Република Македонија при Советот на Европа, Петар Поп Арсов, тоа говори дека Република Македонија, во целост се залага да ги почитува и извршува пресудите на Европскиот суд за човекови права.

„Тоа говори дека во Република Македонија функционира системот. Но, тоа не е единствената порака која може да се извлече од оваа резолуција. Ние можеме да  извлечеме порака дека Република Македонија е земја, која се залага за почитување и имплементација на стандардите воспоставени од страна на Советот на Европа. Република Македонија е потписник на повеќе спогодби, кои што имаат парцијален карактер, тоа говори дека Република Македонија е целосно отворена за соработка и дека е земја во која што има почитување на човековите права. Република Македонија е земја во која се почитуваат правата на националните малцинства, земја во која има изразена борба против корупцијата, борба против перењето пари, борба против трговијата со луѓе. Значи, сите овие елементи говорат дека Република Македонија го оправдува своето полноправно членство во Советот на Европа, што говори дека Република Македонија е целосно подготвена за полноправно членство во ЕУ и НАТО“, заклучува амабасадорот Поп Арсов.

Ако во 2010 година за Македонија се воделе 42 предмети, во 2011 нивниот број паднал на 35, во текот на ланската година биле затворени 11 предмети како целосно извршени, а на почетокот од годинава на спроведување чекале вкупно 107 предмети.

Откако Македонија ја ратификуваше европската Конвенција за човекови права и основни слободи, меѓу апликаците од нејзините граѓани до Европскиот суд, а соодветно и меѓу неговите пресуди, доминираат оние кои се однесуваат на повреди на правото за правично судење, претежно на судењето во разумен рок. Во 2011 година 65 проценти од предметите се однесувале на повреда на правото на судење во разумен рок, а 16 насто на правото на фер судење. Европскиот суд донел шест пресуди, а иницирал постапки за разрешување на предмети со спогодба меѓу државата и жалителите со сума за обештетување од 850 до 4.480 евра по жалител, кои успешно завршиле во 55 случаи.

Symbolbild Hammer im Gerichtssaal
Фотографија: picture-alliance/ dpa

За пресудите на Европскиот суд за човекови права, Македонија во 2010 година платила 215.975 евра, а во 2011 година 165.084 евра. За споредба од соседите, Србија платила 139.000 евра во 2010, година но таа е понова членка во Советот на Европа, Албанија во 2010 година платила само 95.820 евра, но во 2011 скоро два милиони евра, Бугарија за две години платија скоро исто така два милиони евра, а Грција околу 10 милиони евра. Имено од 2002 до денес Македонија платила приближно околи 1,5 милион евра по овој основ. Драстичниот скок на обврските што Македонија ги добива во последниве неколку години, најчесто се однесуваат на повреда на правото на судење (и пресуда) во разумен рок.

Но разумен рок нема ниту во тужбите кои граѓаните ги доставуваат во Стразбур, бидејќи за нивно решавање се чека по неколку години. Предметите кои стигнале за Македонија лани, се предмети кои во Македонија биле разгледувани во 2005 и 2006 година. Судот од Стразбур е жртва на својот сопствен успех.