1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија повторно фатална за Ирска?

3 јуни 2011

Пред натпреварот со Ирска, кој ќе се одигра в сабота во Скопје, во македонската фудбалска репрезентација владее умерен оптимизам. Разговор со Игор Климпер, генерален секретар на Фудбалската федерација на Македонија.

https://p.dw.com/p/11RHu
Фотографија: DW/ Kalinski

На неодамна промовираната арена „Филип Втори“, гостува селекција од просторите-лулката на фудбалот. Организационо, Фудбалската федерација на Македонија е во полна мобилност. Генералниот секретар, Игор Климпер нагласува:

„Со нетрпение го очекуваме натпреварот со Р. Ирска кој ќе се одигра на 4 јуни. Подготовките одат согласно предвидениот распоред. Сите посакуваме убав натпревар и амбиент, а што се однесува до логистичките работи, се тече во најдобар ред“.

За репрезентацијата на Македонија, која заостанува за 6 бода зад водечките селекции на Ирска, Русија и Словачка со по 10 бодови, ова е последна можност да зацели дел од резултатските рани во изминатите 5 кола.

Се очекуваат домашни и странски гости

Mazedonien Land und Leute Mazedonische Fußballer Goce Sedloski und Ilco Naumoski
Македонскиот тим влегува во натпреварот со умерен оптимизамФотографија: Petr Stojanovski

По традиција островските селекции на гостувањата се придружувани од голема навивачка и известувачка свита. Со оглед на бодовната, исклучително деликатна состојба, за Ирците патот во Скопје и сега е многу привлечен.

„Очекуваме 3 до 4 илјади навивачи од Ирска, кои ќе бидат организирани од страна на Фудбалската Федерација на Ирска. Ќе пристигнат организирано на кејот на реката Вардар и оттаму во придружба на МВР ќе бидат водени до влезот на источната трибина од каде што ќе го следат натпреварот“, нагласува Климпер.

Привлечноста на настанот предизвикува големо интересирање и меѓу љубителите на фудбалот во Македонија. Игор Климпер очекува полн стадион.

„Продажбата на билетите се одвива многу добро, очекуваме полн стадион, и заради стадионот, но и да го бодриме националниот тим до победа“.

Фудбалската федерација на Македонија, вели Климпер, одржува постојани контакти со службите за безбедност.

„Соработката со МВР е на највисоко можно ниво. Сите мерки од безбедносен аспект се преземени, за безбедно одигрување на натпреварот и за безбедно движење на навивачите и нивно сместување на Националната арена ’Филип Втори’.“

Само фудбал, без политика

Македонија - Ирска, натпревар кој ќе се одигра во моментите на предизборниот молк, во вечерта пред парламентарните избори. Игор Климпер го пренесува ставот на ФФМ во однос на спецификата на моментот.

„ФФМ се оградува од било какви политички пораки или неспортско навивање за политички цели, кои би оделе во правец на повреда на законите на Р. Македонија и актите на ФФМ. Повторно се укажува на потребата заеднички да ги спречиме сите политички влијанија и да не се наруши спортскиот амбиент кој сите со нетрпение го очекуваме.“

Ова е трето гостување на Ирците во Скопје. Првапат во 1996 година во квалификациите за Европското првенство беа поразени со 3:2. Во 1999 беше 1:1, со што Македонија одново ги оневозможи Ирците да учествуваат на ЕП во Португалија. Дали и в сабота Македонија ќе биде фатална за островјаните?

Автор: Златко Калинки

Редактор: Трајче Тосев