1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија под лупа на Советот на Европа

25 јуни 2009

ПС на СЕ смета дека и покрај напорите, Рамковниот договор во Македонија не е се‘ уште целосно спроведен. Остри критики се упатени на ефикасноста на правосудниот систем, за кој се советуваат структурални реформи.

https://p.dw.com/p/Ib0a

Во општиот извештај за мониторинг процесот на Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПС на СЕ), кој се води за 47-те земји членки, посебен дел и‘ е посветен на Македонија. Главните забелешки се однесуваат на правосудниот систем на земјата, најмногу поради должината на судските процедури. Според Стразбур, ова се должи на самиот правосуден систем, бидејќи Апелациониот суд, наместо да суди по тие предмети како што се прави во другите правосудни системи, враќа дел од нив во првостепените судови.

Критики за „одложената правда“

Практиката на „одложена правда“ не е во согласност со правото на праведно судење, дефинирано во Европската конвенција за човекови права и пресудите на Европскиот суд. За илустрација, во 2008 година, за 10 од 15 пресуди на судот од Стразбур кои се однесуваат на Македонија, беше констатирано дека има кршење на правото на праведно судење, поради неразумниот рок, односно предолгото траење на судските процедури. ПС на СЕ забележува дека македонските власти направиле законски измени за да се подобри функционирањето на апелационите судови, но се смета дека овие мерки се само времено решение. Затоа, се советува „систематска и продлабочена ревизија на целокупниот македонски правосуден систем, ако се сака да се разрешат структуралните проблеми со кои се соочува тој.“

Mazedonien Justiz Appellationsgericht
Долгите судски постапки се недозволивиФотографија: Petr Stojanovski

Загриженост поради прекумерна употреба на сила

ПС на СЕ посебно е загрижено поради крајно алармантните заклучоци на Комитетот за превенција на тортурата (КПТ), бидејќи не е забележано никакво видливо подобрување на ситуацијата по препораките испратени од КПТ. Тоа води до заклучок дека македонските власти не ги земаат сериозно предвид фундаменталните обврски за да ја гарантираат заштитата на лицата лишени од слобода. Од македонските власти е побарано да достават информации за начинот на кој се спроведуваат препораките на КПТ, исто како и за функционирањето на Секторот за контрола на професионалните норми, како и за начинот на функционирањето на специјалните полициски единици „Алфите“. Имено, Стразбур повторно ја критикува македонската полиција за прекумерна употреба на сила.

Mazedonien Justiz Amtsgericht
Судството има потреба од структурална реформаФотографија: Petr Stojanovski

Од позитивните аспекти на извештајот, иако на Македонија и‘ се забележува дека се‘ уште не ја има ратификувано повелбата за регионални и малцински јазици, се оценува дека неодамнешното усвојување на законот за употреба на албанскиот јазик, претставува значајна етапа во спроведувањето на Охридискиот договор. Забелешката е на начинот на неговото донесување, по итна процедура, кога опозиционите партии го бојкотираа парламентот. Така, сега, опозиционата ДПА тврди дека тој закон не одговара во целост на интересите на албанската заедница.

Рамковниот договор не е целосно спроведен

ПС на СЕ е загрижено и за застапеноста на малцинствата во јавната администрација, посебно на оние кои се од малите малцински заедници, кои се жалат на индиректна дискриминација при вработувањето и „сегрегација“ при пристапот во образованието и религиозните слободи.

На крај, Стразбур смета дека и покрај напорите, Рамковниот договор не е се‘ уште целосно спроведен. Овие оценки на Стразбур се совпаѓаат со оценките на Брисел. Тоа не изненадува бидејќи тие се дел од политичките критериуми за членство во ЕУ. Затоа, може да се претпостави дека тие ќе се најдат во есенскиот извештај на Европската комисија, од кој ќе зависи дали Македонија ќе добие или не датум за преговори за членство во ЕУ.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска