1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија позитивно ги изненади германските инвеститори

Силвера Падори-Кленке9 јули 2013

Предностите за инвестирање во Македонија кои владиниот тим, предводен од премиерот Груевски, ги презентираше на Бизнис форумот во Хамбург предизвика позитивни реакции кај германските учесници и потенцијални инвеститори.

https://p.dw.com/p/194WU
Фотографија: DW

„Од она што го слушнав денеска гледам дека Македонија е поинтересна отколку што сметав порано. Во основа се’ изгледа многу добро. Како поволности би ги одвоил исклучително позитивните вредности за инфлацијата, државното задолжување и дефицитот, кои се подобри и од многу земји во Западна Европа. За една земја која е толку длабоко во Југоисточна Европа и релативно непозната и за германските стопанственици, ова се изнандувачки добри вредности. Според она што сега го слушнав, а го имав и порано слушнато од други извори - состојбата и шансите се изнeнaдувачки позитивни“, изјави за ДВ д-р Хано Штокер, прв човек на Организацијата на германските претпријатија за Источна и Средна Европа, која заедно со Индустриската и трговска комора на Хамбург беше организатор на Бизнис форумот за промоција на Македонија.

На Форумот збор имаа македонскиот премиер Никола Груевски, вицепремиерот Владимир Пешевски, министерот без ресор Бил Павлески и првиот човек задолжен за индустриските зони Виктор Мизо.

Според д-р Хано Штокер кој ја предводи групацијата која има пристап до 10.000 герамнски претпријатија, и е присутна во 29 земји од Европа и Централна Азија, Македонија има многу предности кои го привлекуват вниманието на потенцијалните инвеститори.



Предности и недостатоци

„Решавачка предност на Македонија се ниските производни трошоци. Во прва линија земјата е интересна и исклучително добри шанси имаат браншите, кои во голема мерка се врзани за мануелна работа. Македонија е интересна на пример за групацијата 'Дрекслмајер' која изработува електрокомпоненти за автомобилската индустрија односно различни видови кабли во кои има многу рачна работа. Евтиното производство е сигурно предност. Но, тоа не е се’. Германските претпријатија како позитивни ги оценуваат и квалификациите на работниците. Значи: не е во прашање само евтино, туку очигледно работниците се и добри. Освен за продуктивноста, на почетокот на годинава германските претпријатија дадоа позитивни оценки и за погодностите во оданочувањето“, подвлекува д-р Штокер.

Symbolbild - Sollbruchstelle
Евтината работна сила и квалитетот пресудни за германските инвеститори.Фотографија: Fotolia/Smileus

Тој, меѓутоа, отворено кажува дека има и недостатоци на кои треба да се работи - правниот систем и регулативата, ефикасноста на јавната администрација и секако ЕУ членството кое е забавено. Се’ би можело да се одвива побрзо и сигурно за германските претпријатија Македонија ќе биде уште поинтересна кога би била ЕУ членка.

На Бизнис форумот за Македонија во Хамбург учествуваа претставници на педесетина заинтересирани производни и консалтинг фирми. Како дознава ДВ, посебен интерес покажале „Фрезениус медикал кер“ фирма со милијарди евра годишен обрт и банката „ДНГ“ (Герамнско друштво за развој) која има инвестиции во Источна Европа.