1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија постигнала напредок во заштитата на малцинствата, но може и повеќе

Тони Гламчевски8 јули 2012

Комитетот на министри на СЕ ја усвои Резолуцијата за начинот на кој РМ ја спроведува Рамковната конвенција за заштита на национални малцинства. Се нагласува дека има позитивен развој, но и прашања кои загрижуваат.

https://p.dw.com/p/15TbV
Фотографија: picture-alliance/landov

Македонските власти, според Комитетот на министри на Советот на Европа, имаат отворен пристап во комуникацијата со претставниците на националните малцинства. Откако ја ратификува Рамковната конвенција во 1997 година, Република Македонија продолжила со напорите за заштита на националните малцинства и покажала приврзаност кон спроведувањето на дело на овој меѓународен документ.

„Правната основа воведена за спроведувањето на Рамковниот договор од Охрид од 2001 година предизвикува постојана меѓуетничка соработка и продолжува да игра значајна улога за политичката стабилност на земјата“, стои во Резолуцијата на КМ на СЕ.

КМ на СЕ во Резолуцијата усвоена на состанокот одржан од 4 до 6 јули, со задоволство забележува дека законите со кои се спроведува Охридскиот рамковен договор биле усвоени во целост. Тука е нагласено усвојувањето на Законот за употреба на јазиците во 2008, со кој е појаснет статусот на албанскиот јазик и неговото користење во парламентот, министерствата, административните и судските постапки.

Потоа биле усвоени и мерки за подобрување на законските рамки за борба и спречување на дискриминацијата. Тука е поздравена и улогата на Народниот правобранител, кој игра активна улога во заштитата на човековите права и добива бројни жалби од членови на различните етнички заедници во кои се зборува за дискриминација по етничка основа и посебно за правичната застапеност на етничките заедници во јавната андминистрација и јавните институции, како и интензивирањето на напорите на властите за борба против дискриминацијата и интеграцијата на Ромите во општетството.

КМ на СЕ констатира дека лицата кои им припаѓаат на националните малцинства продолжуваат да играат активна улога во политичкиот живот на Република Македонија. Така две големи политички партии на Албанците се застапени во Парламентот, една е и во владата, исто како и на другите национални малцинства, меѓу кои и Ромите. Претставниците на малцинствата исто така широко се застапени и во локалните власти.

Zensus in Mazedonien
КМ на СЕ констатира дека лицата кои им припаѓаат на националните малцинства продолжуваат да играат активна улога во политичкиот животФотографија: DW

Од своја страна, македонските власти ги поддржуваат различните форми на културни активности на националните малцинства, како библиотеките, културните институции, музеите, уметничките галерии, културни центри, театри, филмски архиви, фестивали итн. На МРТВ широко се емитуваат емисии на албански, турски, српски, ромски, влашки и бошњачки, а се пренесуваат и седниците на Парламентот на кои членовите зборуваат на македонски и албански јазик.

Во Резолуцијата се нагласува и развиениот систем на настава и образование на малцинските јазици во Република Македонија.

Прашања за кои постои загриженост

Комитетот на министрите на Советот на Европа е посебно загрижен поради поларизираноста на поделбите по етнички линии, бидејќи нејзините главни национални заедници (македонската и албанската) водат живот без некоја позначајна комуникација меѓу нив. Тој паралелен соживот посебно се манифестира во образовниот систем, медиумите, политичките партии и географската распределеност. Меѓуетничките тензии, според КМ на СЕ, се предизвикани од недостигот на дијалог, клишеата и предрасудите.

Тука е посочена дискриминацијата на Ромите, од кои 70% се невработени и нивните тешки животни услови, иако се прават напори за вклучување на ромската заедница во општетсвото, потоа, недоволната застапеност на малцинствата во јавната администрација, како и фактот дека тие кои биле вработени за да ја достигнат потребната квота на правична застапеност, немаат опис на работното место, ниту јасно утврдени работни места. Некои дури ја добиваат целата плата, без да се појават на работните места.

Roma Kinder in Suto Orizari
Фотографија: Petr Stojanovski

Забелешки има за однесувањето на полицијата кон малцинските заедници, посебно кон Ромите, како и малите средства кои се издвојуваат за заштита на културата на Власите и Србите, со што сериозно се загрозува зачувувањето на нивната култура и јазик.

Препораки за подобрување на ситуацијата на малцинствата во Македонија

Македонија, според КМ на СЕ, треба да усвои ургентни мерки за борбата против невработеноста, станбеното прашање и здравствената заштита на Ромите. Освен тоа, потребно е ефективно спроведување на законите од Рамковниот договор и создавање на меѓуетнички дијалог во сите области на животот, со посебно вклучување на децата и младите, со што ќе им се застане на патот на предрасудите.

КМ на СЕ понатаму бара и да им се гарантира правото на сите лица кои велат дека се припадници на етнички заедници. На Комисијата на заштита од дискриминацијата се бара да и‘ се дадат соодветни средства, како и зголемување на поддршката на културните активности на малцинските заедници.

Mazedonien - Land und Leute
Потребно е ефективно спроведување на законите од Рамковниот договор и создавање на меѓуетнички дијалог во сите области на живототФотографија: DW

КМ на СЕ бара и создавање на посебен независен механизам кој ќе го следи однесувањето на полицијата, а потребно е и создавање услови за користење на малцинските јазици во администрацијата и напори за да се поддржи пристапот на децата од ромска националност во предучилишното образование.

Македонскиот јазик останува македонски

Во усвоената резолуција на Комитетот на министрите на Советот на Европа, исто како и во мислењето на Консултативниот Комитет кој го следи спроведувањето на Рамковната конвенција, останува користењето на терминот македонски јазик, за што се изборија претставниците на Република Македонија во КМ на СЕ, иако постоеја обиди користењето на тој термин да биде отстрането од усвоените документи.