1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија прва од регионот на листата „Doing Business 2010“

9 септември 2009

Македонија е трета земја топ-реформатор во светот, пред нејзе се само Руанда, како најдобар реформатор и Киргистан, објави Светската банка во годишниот извештај „Doing Business 2010“.

https://p.dw.com/p/JYsd

Во рекордната година за регулаторни реформи во светот, земјите од Источна Европа и Централна Азија се светски лидери во динамиката на реформите. „Doing Business 2010“ - извештајот „Реформите во тешки времиња“ открива дека 26 од вкупно 27 земји во регионот спровеле реформи во своите регулативи, со цел да создадат повеќе можности за домашните компании. Извештајот на Светска банка за 2010 ги анализира регулативите коишто се однесуваат на животниот циклус на компаниите во една национална економија, вклучувајќи ги започнувањето и работењето, надворешната трговија, наплатата на даноци и затворање на бизнисот.

Македонија постигна напредок

Doing Business не ги мери сите аспекти на деловното опкружување, коишто се битни за компаниите и инвеститорите. На пример не ги мери сигурноста, макроекономската стабилност, корупцијата, квалификацијата на работната сила или стабилноста и перформансите на финансискиот систем. Македонија направи голем напредок во седум од десетте анализирани области. Шефот на канцеларијата на Светска банка во Македонија, Маркус Репник ги соопшти резултатите за Македонија: „Како земја за водење бизнис Македонија е рангирана на 32-то место на листата на Светска банка меѓу 183 држави и оствари скок од 37 места во однос на претходната година, кога беше на 69 позиција.“

Македонија со високото 32. место на листата е најдобро рангирана во регионот пред Бугарија, Словенија, Романија, Црна Гора, Турција, Албанија, Србија, Хрватска, Грција, Косово и Босна и Херцеговина.

На што се должи оценката?

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставревски соопшти на што се должи добрата оценка: „Да ги споменам најважните реформи што се направени во земјава за да дојдеме до овој успех. Со проектот ’регулаторна гилотина’ скратени се голем број бирократски процедури и намалени се административните надоместоци до 50 процени кај многу институции, во централниот регистар, бирото за метеорологија, институтот за стандардизација, за акредитација итн. Намалени се и одредени административни такси што се плаќаа. Согласно со антикризните мерки, царинската управа имплементираше пакет од педесет мерки насочени кон олеснување на увозот и извозот на стоки,“ истакна Ставревски.

Weltbank Logo
Weltbank Logo

Добри резултати Македонија има во областите заштита на инвеститорите и плаќање даноци, а најлошо стои во категориите регистрирање на имот и затворање на бизнисот. Македонија во однос на минатогодишната листа напредувала во сите категории освен во добивање кредити и присилно спроведување на договорите. Најдобри земји во светот за водење бизнис според листата на Светска банка се Сингапур, Нов Зеланд, Хонг Конг и САД. На дното на листата се Конго, Демократска Република Гвинеја Бисао. За Македонија останува дилемата како реформските мерки функционираат во пракса и зошто и покрај одличните оценки на Светска банка нивото на странски инвестиции е незначително.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Александра Трајковска