1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија претседава со Комитетот на министри на СЕ

11 мај 2010

Македонија го презеде претседавањето со Комитетот на министри на Советот на Европа. Претседателството на шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски му го предаде неговата колешка од Швајцарија Мишелин Калми-Реј.

https://p.dw.com/p/NLJR
Фотографија: Toni Glamcevski

„Ова претставува историски ден за нашата држава. Република Македонија пред 15 години стана членка на Советот на Европа, а денес има можност да претседава. Тоа е голема чест, но се разбира и голема обврска. Задоволни сме од начинот на којшто беше сослушана и поддржана нашата презентација, особено во делот на приоритетите за време на нашето претседателство“, изјави македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски веднаш по завршувањето на сесијата.

Меѓу приоритетите на македонското претседателство со Комитетот на министрите на Советот на Европа се зајакнување на заштитата на човековите права, негување на интеграцијата со почитување на разликите и поактивно вклучување на младите во политичкиот и во демократскиот развој на земјите од ЈИЕ. За време на претседавањето, Македонија ќе организира повеќе настани, а првиот од нив е состанокот на Постојаниот комитет на Парламентарното собрание на СЕ, што ќе се одржи на 20 и 21 мај во Скопје. Планирано е да се одржат конференции посветени на теми за борбата против корупцијата, придонесот на земјите-членки кон реформата на Европскиот суд за човекови права преку зголемување на ефикасноста на судството и едукацијата на судиите на национално ниво, интегрираноста на националните малцинства во европските општества, конференција посветена на актуелните проблеми на Ромите, заштитата на културното наследство и религиозната димензија на меѓукултурниот дијалог, како и поактивното вклучување на младите во политичкиот и во демократскиот развој на земјите од ЈИЕ.

Mazedonien Außenminister Antonio Milososki zu Kosovo
Антонио Милошоски ги претстави приоритетите на Македонското претседателство (архивска фотографија)Фотографија: AP

Друцас реагираше, Милошоски одговори

Примопредавањето на претседателствотот ќе поминеше без проблеми доколку не реагираше заменик-шефот на грчката дипломатија Димитрис Друцас, за користењето на терминот „Македонско претседателство“ за време на шестмесечното претседавање на Република Македонија со извршното тело на најстарата паневропска организација.

Друцас стави формална забелешка дека со таквото именување Македонија ја злоупотребува позицијата претседавач. Именувањето на претседателството, според него, треба да биде под привремената референца со која Македонија е примена во ОН, во Советот на Европа и во други меѓународни организации. Употребата на придавката „македонски“, рече Друцас, ги поткопува напорите за изнаоѓање заемно прифатливо решение во процесот што се води под покровителство на ОН.

Mazedonischer Außenminister Antonio Milososki begrüßt Kollegen Dimitris Droutsas
Антонио Милошоски и Димитрис Друцас денеска во СтразбурФотографија: MIA

Шефот на македонската дипломатија Милошоски реплицираше дека Комитетот на министрите не е место за решавање на билатерални спорови и оти Македонија како претседавач ќе биде фокусирана на исполнувањето на своите приоритети.

„Тоа ја покажува билатералната димензија на ова недоразбирање. Но, ние сметаме дека во оваа куќа на човековите права и слободи, секоја земја треба да ја има можноста да претседава со минимум национално достоинство. Во овој случај ние претседаваме како македонско претседатеслтво“, изјави Милошоски.

Употребата на придавката „македонски“, според него, не е спротивно на резолуциите на ОН и правилата на Советот на Европа и се користи во многу меѓународни тела, рече тој. За Милошоски се неосновани обвинувањата дека со именувањето на претседателството како македонско се нарушува процесот за решавање на името во ОН. Македонија, според Милошоски, смета дека тоа прашање треба да се решава во ОН и останува ангажирана за изнаоѓање решение преку искрен компромис.

Индиректна закана

Но, грчкиот заменик министер за надворешни работи Димитрас Друцас во изјавата за новинарите изрази извесна доза на закана на сметка на северниот сосед поради, како што смета тој, неконструктивниот однос на Македонија во спорот: „Ставот на оваа земја не оди заедно со нејзините надежи да стане членка на Европската унија“.

Друцас, потоа, за новинарите дообјасни дека Грчката позиција е јасна и солидна. „Грција сака на конструктивен начин да се реши проблемот со именувањето на Поранешната Југословенска Република Македонија“, оцени Друцас.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска