1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија самата си создава проблеми на патот кон ЕУ

Тони Гламчевски17 мај 2013

Од претставниците на Европската Унија како што се наближува јунскиот самит се порачува дека ЕУ направи се` што можеше за Македонија да добие датум за почеток на преговори за членство во ЕУ, но сега топката е во Скопје

https://p.dw.com/p/18ZhU
Фотографија: Reuters

Република Македонија со настаните од 24 декември самата си создаде дополнителни проблеми на патот кон Европската Унија, во моментот кога таа имаше постигнато извесно „нормално“ функционирање на своите институции и воспоставено политички дијалог. Но случувањата на и по 24 декември, го променија тој впечаток и сигурно дека тие случувања и посебно неможноста да се создаде Анкетната комисија за овие настани ќе им послужат како аргумент на оние кои ќе сакаат да се одложи уште еднаш доделувањето на датумот.

Зошто се вели дека „топката сега е кај Македонија“

Нашите соговорници во Стразбур објаснуваат дека во 2012 година Европската комисија презеде иницијатива за воспоставување на Високиот политички дијалог, што и обезбеди на Македонија многу корисен механизам кој треба да и помогне да ги исполни европските одредници во однос на широк опсег прашања. Високиот политички дијалог меѓу ЕУ и Македонија и досегашните резултати од тој дијалог, како и посредувањето за разрешување на политичката криза во земјата и постигнување на договорот на 1 март, се резултати што ги постигнала Унијата, се истакнува од Брисел и Стразбур, за тоа што направила Унијата за Македонија, но сега се’ зависи од Македонија.

„Сега од Македонија зависи дали на Самитот на ЕУ во јуни ќе добие датум за преговори за членство во Унијата. Многу се надевам дека актуелниот предлог на господин Нимиц, кој е претставник на генералниот секретар на ОН во процесот што го води светската организација, ќе донесе конкретни резултати во овој краток период“, изјави деновиве комесарот за проширување Штефан Филе.

Дипломатски извори со кои се сретнавме за време на Комитетот на министрите на Советот на Европа во Стразбур (КМ на СЕ), кои сакаат да останат анонимни, појаснуваат дека со европските пораки дека топката е во Скопје, тоа пред се се однесува на формирањето на анкетната комисија за декемвриските настани и прашањето за името. Имено, тие признаваат дека Македонија постигнала резултати, што беше признато со пролетниот извештај на комесарот Филе.

„Сепак, се` уште не се гледаат резултати за истражната комисија, а тоа е многу важна работа. Досега треба да работи. Затоа топката е кај Македонија. А не треба да се заборави дека Kомисијата го иницира Дијалогот на високо ниво со цел земјата да оди напред и за да го одржи на патот и таа да остане на европската агенда“, велат нашите извори.
Интензивни дипломатски активности на Македонија

Mazedonien Zwischenfall im Parlament von Skopje
Настаните од 24. декември и создадоа проблеми на МакедонијаФотографија: MAKFAX

Интензивната дипломатска активност на министерот за надворешни работи и вице-премиерот за евроинтеграции се во потрага на потребната поддршка за да евентуално се изнуди во јуни од страна на Грција, отстапување од нејзината непопустливост – односно решавање на проблемот со името пред почетокот на преговорите.

Шефот на македонската дипломатија Никола Попоски, ја искористи редовната сесија на КМ на СЕ за да одржи повеќе неформални средби како со Лусинда Крејтон - министер за европски прашања при ирското претседателство со ЕУ, Биргита Олсон, министер за европски прашања на Шведска, Жан Аселборн министер за надворешни работи на Луксембург, и Франсис Тимерманс, министер за надворешни работи на ​Холандија.

Средбите како што ни рече македонскиот министер во најголем дел од нив беа посветени на интеграциите на Република Македонија во ЕУ.

Грција не е подготвена за решение

На овие средби му била потврдена подготвеноста дека „треба да се поддржи почетокот на преговорите на Република Македонија за членство во ЕУ. Но според Попоски недостасува поддршката од Грција.

„Тоа што ни недостасува веќе подолг период е поддршката од Грција, таа е клучна. Сакаме да ја добиеме, но не чувствуваме довлно сигнали од Атина дека навистина постои некоја посветеност“, вели Попоски.

Nikola Poposki Außenminister Mazedonien
Никола ПопоскиФотографија: AP

Македонскиот шеф на дипломатијата не гледа „мотивирачки чекор кој би ја поттикнал владата во Атина да направи конструктивен чекор и да овозможи почеток на преговори“.

Оваа негова констатација ни беше потврдена и од други дипломатски извори, кои се кријат зад анонимност. Тие оценуваат дека никој „реално“ не врши притисок врз Грција во однос на прашањето за името со Македнија, а и кога се врши притисок „тоа Грција не го слуша“. За нејзините европски партнери многу поважен е и нејзиниот однос кон економската и финансиската криза од која се обидуваат да ја извадат веќе неколку години.

Идеите на некои европски политичари, кои можат да се слушнат во медиумите дека треба да се искористи „сегашната слабост“ на Грција, за да се принуди на отстапки за името, очигледно е дека се само на хартија ни велат нашите извори во Стразбур.

Идната недела во Европскиот парламент во Стразбур ќе треба да биде разгледана и усвоена резолуцијата за напредокот на Македонија во 2012 година. Истовремено во Стразбур ќе заседава и Мешовитиот парламентарен комитет Македонија-ЕУ, што ќе биде добра прилика за да се види расположението на европско ниво околу „македонското прашање“, кое очигледно се движи кон ново одлагање на датумот за преговори. Последната изјава на Еванглеос Венизелос, шефот на грчката опозиција член на владејачката коалиција, кој од САД најави дека Грција во јуни повторно ќе стави вето на отворањето на преговорите за членство на Македонија во Европската Унија, само го потврдува песимизмот во Стразбур.