1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија се искачи на листата на Транспаренси

26 октомври 2010

Македонија бележи напредок на листата на Транспаренси интернешнл, но тоа не е одраз на реалните состојби, туку на зголемениот број рангирани држави. Ова е ставот на Транпарентност Нулта корупција.

https://p.dw.com/p/PoHF
Фотографија: picture-alliance/ dpa/dpaweb

Македонија е на 62 место според индексот на перцепција на корупцијата за 2010 година на листата што ја објавува Транспаренси Интернешенал, во конкуренција на 178 држави.

Годинешното рангирање претставува напредок од девет места во однос на минатата година, но антикорупционерите не се задоволни. Македонија има 4,1 индексни поени, а земјите кои имаат индекс помал од пет, Транспаренси ги смета за корумпирани.

„Она што е битно е да се следи степенот на индексот на перцепција за корупцијата. Ние имаме подобрување од 0,3 индексни поени, што реално е многу мал напредок“, изјави за Дојче Веле Слаѓана Тасева од Транспарентност Нулта Корупција.

Апсолутни бројки и релативно значење

Според неа, напредокот на листата од 2010 година се должи на зголемениот број рангирани држави.

Со овогодинешниот резултат, Македонија, заедно со Хрватска, се најде на второто место меѓу државите од поширокиот регион, а единствено пред нив се наоѓа Турција.

„Индексот на перцепција е релевантен. Кога државите ќе ја надминат границата од пет индексни поени, може да се смета дека направиле позначаен исчекор во борбата против корупцијата“, објаснува Тасева.

Македонија за прв пат во табелата на Транспаренси Интернешенал беше рангирана во 1999 година, на 63 позиција на табелата, со индекс на перцепција од 3,3. Најлошо беше рангирана во 2003 година на 106 место, со индекс на перцепција од 2,3.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска