1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија се прости од сонот, Германија се`уште во игра

ДВ, Агенции (К.Д.)26 јануари 2009

Данска и го нанесе вториот пораз на Македонија во натпреварите од втората фаза на светското првенство во Хрватска. Трилер завршница на дуелот меѓу Германија и Норвешка.

https://p.dw.com/p/GgQA
Кире ЛазаровФотографија: Petr Stojanovski

Македонската ракометна репрезентација го доживеа и вториот пораз во натпреварите од втората фаза на светското првенство во Хрватска. Избраниците на селекторот Илија Темелковски вчера во Задар беа поразени од актуелниот европски првак Данска со 32:24. Сигурниот дански тим беше пресилен за македонските ракометари кои со поддршка на три илјади симпатизери пружија достоен отпор, но сепак не успеаа да направат изненадување и да се приближат кон сонот за пласман во полуфиналето на шампионатот.

Искуството е пресудно

Најдобриот македонски ракометар, Кире Лазаров смета дека притисокот си го створи своето. Според него, сепак треба да се биде реален дека по 10 години пауза Македонија повторно се враќа на првенството со тим кој нема големо искуство во вакви натпревари. Голем хендикеп беше и отсуството на повредениот Наумче Мојсовски за кого првенството предвреме заврши поради фрактура на прстот на раката. Селекторот Илија Темелковски по натпреварот беше видно разочаран но сепак реален во оценката „Имавме голема желба, бевме доста мотивирани и упорни, сакавме да победиме, но изгубивме од европски првак, мислам дека треба да продолжиме со подигната глава“ изјави македонскиот стратег.

Mazedonien Handball Ile Temelkovski
Илија ТемелковскиФотографија: Petr Stojanovski

Денеска е пауза, а веќе во вторник Македонија го игра последниот дуел против Србија која вчера претрпе убедлив пораз од Словачка од 35:23. Евентуалниот триумф ќе и донесе на Македонија место во првите десет на мундијалот.

Скандалозна судиска одлука

Heiner Brand Handball Bundestrainer
Германските репрезентативциФотографија: AP

Вчерашниот натпреварувачки ден беше незгоден и за актуелниот светски шампион Германија, која во драматичен финиш во дуелот против Норвешка загуби со 25:24. Поразот за избраниците на селекторот Хајнер Бранд значи и чекор подалеку од пласман меѓу четирите најдобри. За да обезбедат место во борбата за медали Германците сега мора да ја совладаат Данска во утрешниот последен дуел во гупата.

Сенка врз натпреварот фрли скандалозната одлука на судиската двојка од Словенија, која во последните секунди од натпреварот, на неразбирлив начин на двапати ги вратија германските ракометари да ја продолжат играта од прекин. Притоа тие не го запреа времето, така што пропадна шансата Германија да извлече барем реми кое ќе значеше пласман во полуфиналето.

Германија подалеку од полуфиналето

Handball WM Kroatien Reaktion Heiner Brand Deutschland vs Norwegen
Хајнер БрантФотографија: AP

Селекторот Хајнер Бранд видно нервозен и незадоволен од ваквата одлука на судиите по натпреварот изјави дека последните секунди ги доживеал како дрскост за сите спортисти. Нему му е јасно дека Германија сега е подалеку од полуфиналето, но смета дека вината за тоа не лежи само во неговиот тим. Дополнителни проблеми воочи клучниот натпревар против Данска се и повредите во тимот. Прашање е дали на тој натпревар ќе може да настапи капитенот Михаел Краус, кој на средината од второто полувреме на вчерашниот натпревар против Норвешка поради повреда беше повлечен од теренот.

Данска сега е прва во втората група со шест бодови, Германија е втора со пет, следуваат Полска и Норвешка со по четири бодови, Србија има три. Македонија е последна со два бода. Во првата група веќе се познати двата полуфиналисти. Тоа се домаќинот Хрватска и Франција кои имаат по идентични осум бодови. Двете репрезентации утре во директниот дуел ќе се борат за првото место во групата. Унгарија и Словачка во оваа група имаат по три бода, Шведска два. Последна е Јужна Кореа без ниту еден освоен бод.