1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија со добри анти-монополски закони кои не се применуваат

Горан Петрески26 октомври 2006

На Македонија тешко и оди битката со монополите. Европската унија испрати германски експерти во Скопје да ги подучат надлежните институции како да се борат со монополските компании и како да ја поттикнат конкуренцијата.

https://p.dw.com/p/AeKU

Искуствата од Германија ги пренесоа професор Харалд Луберт од Констанц и Андреас Кнохенхауер, дологогодишен член на германскиот орган за заштита на конкуренцијата. Нивната оценка е дека антимонополските закони во Македоника се добри ама не се применуваат. За фирмите што ја злоупотребуваат позицијата на пазарот предвидени се казни од 1 до 10 проценти од годишниот промет што го остваруваат.

“Сето ова мора да се примени во пракса за да може стопансктвото да научи дека неможе да прави што сака, да ја ограничува и да стапува во заговор против конкуренцијата“, вели професор Луберт.

И порано европските експерти кои го прочешлаа антимонополскиот закон предупредија дека е како лав без заби. Добро решение но само на хартија.

Кнохенхауер раскажа како германкскиот антимонооплски картел се справил со некоја монополска фирма во бизнисот со цемент. Почнале разни притисоци откако фирмата била казнета со неколку стотици милиони евра за злоупотреба на монополската позиција на пазарот,

“Можете да си претпоставите дека кога станува збор за толку големи суми сигурно дека ќе постојат обиди преку политиката да се изврши влијание врз картелската служба. Тогаш наши најголеми сојузници беа медиумите“.

Клучните економски сектори во Македонија зависат од една, или во најдобар случај од неколку компании. Најстрашни се монополите во кои како партнер се јавува и владата вели Ѓорѓи Бајлозов, член на македонската комисијата за заштита на конкуренцијата.

“Тешко е да се борите против монопол во кои како партнер се јавува владата. Таа мора да се ослободи од тоа партнерство за да имаме целосен успех во настојувањето Телекомот да не ја злоупотребува доминантната позиција на пазарот“.

Освен во телекомуникацискиот сектор, и во нафтениот, енергетскиот, како и во производството на градежни материјали, граѓаните зависат од самоволието на компаниите кои суверено владеат на пазарот, сами ги одредуваат цените и квалитетот на производите и услугите.

Комисијата за заштита на конкуренцијата иницирала повеќе процеси против монополските компании во Македониа но не добила речиси ниту еден.

Владата вети дека во првите шеесет дена од мандатот ќе распише тендер за трет мобилен оператор. Рокот што си го постави самата истекува деновиве а почеток на постапката се најавува за идната недела. Експертите предупредуваат дека процесот за избор на втор фиксен оператор ќе биде уште побавен.