1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија стави потпис на договорот за „Јужен Тек“

СН/БГ/миа23 јули 2013

Македонија го потпиша договорот со Русија за соработка во изградбата на гасоводот „Јужен тек“. Македонија се вклучува со крак, а дали тој ќе се гради од Србија или Бугарија треба да одлучи рускиот концерн „Газпром“.

https://p.dw.com/p/19CJj
Фотографија: dapd

Договорот од македонска страна го потпиша вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во Москва. Вклучувањето на Македонија во проектот „Јужен тек“ е од стратешко значење за Република Македонија кое ќе обезбеди вклучување на Македонија во меѓународните транспортни коридори и стабилен извор на гас за идните генерации.

„Ова е исклучителен значаен проект за нас затоа што со 'Јужен тек' практично на долг рок се гарантира енергетската стабилност на Република Македонија, се обезбедуваат нови количини на гас, што ќе направат и проектот за внатрешна инфраструктура за пренос на гас во Македонија да добие една поголема смисла“, изјави за време на викендот македонскиот премиер Никола Груевски.

Гасоводот „Јужен тек“ треба да заврши до 2015 година, кога ќе протечат првите количини гас кон Централна и Јужна Европа. Капацитетот на гасоводот е 63 милијарди метри кубни годишно или 14 проценти од вкупните потреби на Европа.

Македонија во јули минатата година влезе во проектот „Јужен тек“. Земјата се вклучува со крак, а од каде ќе се гради дали од Србија или Бугарија треба да одлучи рускиот енергетски концерн „Газпром“. Изградбата на гасоводот почна во декември 2012 година.