1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија треба уште да работи на заштитата на авторските музички права

Сузана Тодоровска-Павлоска7 јули 2013

„Заштитата на авторските права не е проблем само во вашата земја. Тоа е процес и за него е потребно време“, вели во разговор за ДВ Лоренс Кеј, експерт за музички права од Велика Британија,

https://p.dw.com/p/193KI
Фотографија: Suzana Todorovska-Pavloska

Како дел од тренинг програмата за продуценти на ЕАВЕ(European Audiovisual Entrepreneurs), во организација на Филмскиот фонд на Македонија и Фестивалот на креативен документарен филм МакеДокс, Лоренс Кеј (на фотографијата), кој има долгогодишно искуство во музичките компании Virgin Records и Universal Music Publishing, во филмската продукција и медиумските компании, разговараше со македонските автори.

Композиторите немаат агенти, а договори – не се потпишуваат

ДВ: Отворивте важни прашања за македонската филмска продукција- каква музика е потребна во еден филм, како да се создаде буџет за тоа и најпроблематичното прашање за филмските продуценти, режисери и автори на музика- авторските права. Кои се вашите впечатоци?

Кеј: Тука има многу интересни проекти и креативни луѓе- и од продукцијата и од аспект на создавање на музиката. Слушнав многу слични проблеми од филмските продуценти и композитори. Интересно е што на семинарот имаше петмина композитори и сите имаа исти прашања- работат со продуценти, честопати без претходно потпишани договори за соработка туку само со- ракување! Тоа никогаш нема да ви се случи во Велика Британија ниту пак во голем број други земји во Европа! Исто така, изненаден сум што во земјата нема агент, кој ги претставува композиторите.

ДВ: Што препорачувате?

Кеј: Сметам дека авторите треба да лобираат во вашата асоцијација за заштита на авторските права, чија работа е да ги штити нивните интереси. А, тие треба да го олеснат процесот на емитувањето на музиката и да ги соберат приходите. Според тоа што го слушнав, на ова треба уште многу да се работи. Немав можност да се запознаам со вашата законска регулатива за заштита на авторските права но, не се разликувате многу од голем број други европски земји. Имате филмско производство зад кое стојат Филмскиот фонд, Министерството за култура. Развивањето на оваа сфера е процес.

„Не трчајте пред да почнете да одите!“

ДВ: Од вашето искуство- има ли добар систем на заштита на авторските права во музичката и филмската индустрија во другите европски земји?

Кеј: Во најголемиот дел од Европа на музиката се гледа како на важен дел од целиот процес на продукција на филмот. Продуцентите ја разбираат важноста на музиката, колку таа чини, но ги разбираат и прашањата околу авторските права. Не сите, се разбира. Сепак, станува збор за долгорочно создавана индустрија. Една од работите кои треба да ги прифатите како индустрија е дека не треба да трчате, пред да почнете да одите. Тоа е процес- продуцентите ќе започнат да ги вреднуваат авторските права и да го почитуваат значењето на музиката во филмот за која треба да се плати. Така е во најголемиот број европски земји. Не во сите. Во Грузија на пример, авторски права не постојат! Ако потрошите цела година од својот живот за да снимите филм, за тој потоа да се појави пред публиката и некој да го украде, тогаш од што ќе живеете? Исто е и со оние кои создаваат музика.

YouTube vs Gema Rechtsstreit
Фотографија: picture-alliance/dpa

Филмската музика го промовира филмот

ДВ: Зошто продуцентите на американските филмови успеваат да го продадат секој елемент од филмскиот продукт па и музиката- што не е случај со европските филмски продукции ?

Кеј: Делумно се согласувам. Американците работат со поинаков буџет и мерила. На пример, американска филмска компанија може да инвестира 15 милиони долари во работа на еден филм. Тоа не може да се спореди со една локална македонска филмска продукција која веројатно би чинела неколку илјади евра. Ако не можат да се споредат буџетите за филм, тогаш не можете да го споредите ниту аспектот на музиката во филмот. И ние во Велика Британија исто така не можеме да се натпреваруваме со американските високобуџетски блокбастери. Во Америка на филмската музика гледаат како на клучен елемент во промовирањето на филмот. Само неколкумина европски продуценти размислуваат на овој начин. Тоа не значи дека треба да имате буџет од милиони долари и да им порачате на Леонард Коен или Ренди Њуман или пак, Металика да напишат песна, но можете да бидете креативни и да најдете начини како да се промовирате на пазарот.

Новите технологии- кошмар за авторите?!

ДВ: Технологијата, дигиталните медиуми, интернетот- некако ги „бришат“ авторските права?! Каде се движи светот глобално?

Кеј: Посакувам да имав одговор на прашањето. Многу од авторските права биле напишани кога интернетот и не постоел! Денес луѓето ги ставаат своите филмови на Јутјуб, имаме мобилни телефони со илјадници песни. Светот се менува толку бргу. Тоа е добивка, но од перспектива на сопственик на авторски права- може да биде и кошмар. Мораме да фаќаме чекор со секоја нова технологија.

Не мислам дека воопшто некогаш ќе се стави под прашање постоењето на законите за авторските права. Ако потрошите години за да напишете книга, а потоа биде објавена, ќе сакате да ви ги украдат правата? Како автор треба да бидете награден за тоа. Исто е и од перспективата на авторите на музиката.