1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија ја повторува лекцијата

26 јули 2010

27 јули можеше да биде историски ден за Македонија, доколу беше решен спорот за името со Грција. На овој ден земјите членки на ЕУ ќе започнат да преговараат со новата кандидатка, Исланд. Македонија отпадна од пакетот.

https://p.dw.com/p/OUVr

Од март наваму, европските дипломати ја охрабруваа Македонија да го затвори прашањето за името, за да влезе во пакет со Исланд. Тоа нема да се случи. Македонија на 27 јули ја чека важен состанок со ЕУ – советот за стабилизација и асоцијација, но не за добри вести, туку за повторување на лекцијата, што останува да се научи на патот до преговори.

ЕК: Одлагањето на решението за името го става во опасност реформскиот напредок

Бидејќи состанокот се одржува заедно со претставници на Европската комисија, но и на Советот на ЕУ, името несомнено ќе биде на дневен ред. Белгиското претседателство ќе потсети дека не може да ги убеди Грците да прифатат преговори за Македонија без да се реши името.

Европската комисија од своја страна ќе предупреди дека одлагањето на решавањето на овој долгогодишен проблем го става во опасност реформскиот напредок. За Брисел двата процеса се поврзани. И покрај владините заложби дека дури Македонија да остане блокирана во ЕУ, таа ќе остане посветена на реформите, веќе не звучи убедливо во Брисел. Искуството покажа дека тоа не е така и дека Македонија најчесто спорот за името го користи токму како изговор за неостварените реформите, за кои опаѓа мотивацијата. Во повеќе наврати до сега, дипломатите се запрашаа дали македонската влада е искрено заинтересирана за ЕУ. Најдобар доказ за тоа, Македонија ќе приложи ако го реши проблемот со Грција во духот на европскиот компромис.

Три опасности за Македонија

Flaggen der EU und Mazedonien in Skopje
Фотографија: Petr Stojanovski

Доколку продолжи намаленото реформско темпо, опасност од губење на препораката за преговори постои. Оваа закана иако се’ уште срамежливо се споменува во Брисел, треба да ја загрижи македонската влада. За избегнување на ваквото катастрофално сценарио, неопходно е веднаш да се реши прашањето за именувањето и избор на јавни обвинители, да се почитуваат во пракса законите за вработување во јавната администрација, да престане постојаната партизација на овој витален сектор и да се преземат итни мерки за намалување на невработеноста, особено кај младите. Ова се основните три опасности за Македонија.

Непочитувањето на европските партнери, на нивните вредности, правила, а конечно и финансиските средства кои се влеваат во Македонија, може да доведе и до повлекување на дел од ресурсите, особено во време на економска криза, предупреди пред две недели шефот на одделот за Македонија во ЕК.

Можна поделба на Косово би имала негативни последици во регионот

Европа деновиве искажува уште една загриженост, која оди во прилог на решавањето на спорот за името, а тоа е пресудата на Меѓународниот суд на правдата (МСП) за независноста на Косово. Имено, очекуваното незадоволство на српската страна носи со себе ризик за поделба на новата држава на долг рок. Иако против ваквото сценарио, ЕУ членки силно се борат, тоа не е целосно исклучено, стравуваат дипломатите. ЕУ во наредниот период одблиску ќе ја набљудува ситуацијата во регионот. Можната поделба на Косово би имала негативни последици врз Македонија и Босна и Херцеговина, предупредува Брисел. Поради тоа е многу важно, што поскоро да се затвори прашањето за името, за да се избегне незадоволство кај албанската заедница во Македонија и со тоа да се зајакнат меѓуетничките односи во земјата.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Александра Трајковска