1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија ќе оди забрзано кон Европа по решението за името

Тони Гламчевски21 декември 2008

Словенечкиот европратеник од редовите на Европските народни и демохристијански партии, Алојз Петерле, по последната годинешна сесија на ЕП, се осврнува на напредокот на балканските земји кон ЕУ, постигнат годинава.

https://p.dw.com/p/GJoh
Зградата на Европскиот парламент во БриселФотографија: Photo European Parliament/Architects : Architecture Studio

Во краткиот телефонски разговор, веднаш по завршувањето на последнава годинешна сесија на Европскиот парламент, словенечкиот европратеник Алојз Петерле за „Дојче Веле“ оценува дека во текот на изминатава година земјите од Балканот не постигнале доволен напредок, како што се посакуваше, на нивниот пат кон Европската унија.

„Најмногу ситуацијата се подобри во Србија, таму е забележан напредок, Македонија се’ уште е блокирана, Хрватска ќе отвори нови поглавја, но таа се’ уште има отворени прашања со Словенија. Црна Гора донесе одлука за кандидатура за членство во ЕУ, што се однесува до Босна и Херцеговина таа е во тешка ситуација, исто како и Косово, каде што сега се наоѓа мисијата Еурелекс. Има малку напредок, се движи некако, но не со бризината што ја посакуваме“, вели Петерле.

Што се однесува до Република Македонија, европратеникот од групата на Европските народни и демохристијански партии, се осврнува на работната средба со вицепремиерот на македонската влада Ивица Боцевски, исто како и со делегација на македонски парламентарци, што ја имаше за време на последната сесија во Стразбур.

Промените во Европскиот парламент не се најпогодна почва за брз напредок

Господинот Боцевски ни‘ ги објасни амбициите на Македонија во врска со нејзината кандидатура и тој ни‘ рече дека Македонија ќе направи се’ што е можно да оди кон целта“. Сепак, според Петерле, во наредната година треба да се има на ум дека во Унијата и во Парламентот ќе има промени.

Symbolbild Straßenschild Europa
Фотографија: dpa/DW Fotomontage: Albrecht Schrader

„Ние знаеме дека следната година имаме европски избори, се менува комисијата, па така ситуацијата не е најпогодна за брз напредок“. Но, тој е убеден дека, познавајќи ги амбициите на Македонија, таа ќе продолжи со потребните реформи и дека ќе ја подобри својата европска перспектива.

Според него, за Македонија еден од најголемите проблеми е прашањето за името. Притоа, тој укажува: „Гледам дека Македонија се’ повеќе комуницира со Европскиот парламент, но се знае дека таа треба да го реши отвореното прашање со Грција. Ние во Европскиот парламент се надеваме дека ќе се дојде до решение за ова прашање, по што сигурно е дека ќе биде забрзано пристапувањето на Македонија во Европската унија“, оценува европратеникот од Словенија, Алојз Петерле.