1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонки-успешни бизнисменки

22 ноември 2009

Над 40 жени од охридско-струшкиот регион следеа обука за развој и поттик на женското претприемништво. Следи формирање на Мрежа на жени-претприемачи веќе успешни во одреден бизнис и од оние кои допрва ќе го започнат.

https://p.dw.com/p/KUTV
Да се надминат традиционалните нормиФотографија: picture alliance/dpa

Жени кои веќе влегле во бизнисот, студентки и невработени кои имаат идеја за идниот бизнис заедно во Охрид поминаа советување кое им влеа самодоверба .

Охриѓанката Живка Цветкоска-Андоновска е консултант. Таа смета дека е крајно време на жените да им се даде шанса, бидејќи и меѓу нив има веќе успешни менаџери и успешни бизнис приказни.

„Беше задоволство да се следи обуката. Да видите колку жените се однесуваа деловно. Колку беа точни, професионални и го почитуваа времето на другите. “

„Се дружевме само жени. Тоа е многу важно за овие простори, ако сме дел од Европа. Тоа значи дека жените низ комуникацијата ги спознаа своите вредности. Така ќе дојде и храброста сами да почнат бизнис“, вели Блгаородна Јосифоска Одех:

„Жената мора да постигне рамнотежа меѓу семејените и своите работни ангажмани. Бидејќи на овие простори традиционалните норми се многу посилни од правните норми“.

Еко-производи и сувенири

Благородна има две продавници во Охрид. Таа продава еко-етно производи. Природен мед и природни креми за нега на телото и лицето, а од заборав во вид на препознатливи македонски сувенири ги врати стомнињата, грнчињата, везовите, носиите, торбињата. Странците се воодушеввени, вели Благородна. Јас сум отворена за соработка со жените, за идеите да ги реализираме заедно:

In der Bäckerei vom Kiekeberg- Museum wird frisches Brot gebacken
Жените се послабо платени од мажитеФотографија: picture alliance / dpa Themendienst

„Да помогнеме да соработуваме да го понудиме најдоброто од Македонија “ .

Консултантот Живка просто била изненадена од интересот на жените за обуката, ама и од бизнисите кои веќе ги водат. Таа накусо ни раскажа и за Силвана од селото Оровник која има фирма за издавање градежни машини :

„Навистина добро напредуваат. Имаат парцела со градежни машини кои ги изнајмуваат по потреба на градежните фирми и бизнисот за неколку месеци бележи подем “.

Постојат нови идеи

Живка е воодушевена и за идејата на Марина од Пештани да отвори Младински хотел наменет за евтино ноќевање:

„Таа направила истражување на пазарот и констатирала дека токму е тоа што недостига во нашиот регион. Место каде што ќе можат групи со екскурзијанти, дали тоа ќе се ученици, студенти или туристички групи со понизок буџет, да најдата преноќиште со поевтина, попристапна цена, а тоа е барано на пазарот .“

Благодорна не се помирува со доминацијата на мажите и се‘ уште присутната слика, за една иста професија мажите да бидат поплатени од жените. И докажувањето ни‘ оди далеку потешко признава таа:

„На жената овде и‘ треба десет пати поголем ангажман, наспроти мажот. “

Охридската беше само дел од серијата обуки низ Македонија финансирани од Европската банка за обнова и развој. Целта е да се формираат регионални, а потоа и национална мрежа на жени претприемачи, открива Андоноска:

„Помошта нема да е финансиска, туку од од делот на консултантството. Значи обуки, тренинзи. Таму каде што има потреба и каде што може да одговори на барањата. Целта е да формираме една мрежа која ќе биде одржлива и во иднина и ќе ги следи потребите на развојот на тие претпријатија. “

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Жана Ацеска