1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонската влада во криза?

12 март 2008

Тројната владина коалиција се распаѓа по решението на ДПА довечер да го напушти кабинетот на премиерот Никола Груевски. Шесте барања на ДПА до владата не се реализирани, ниту пак премиерот ги прифатил

https://p.dw.com/p/DNQG
Мендух Тачи најави повлекување на ДПА од владатаФотографија: Petar Stojanovski

Прашање на време е кога партискиот врв на ДПА ќе ја прифати лидерската одлука на Мендух Тачи за излегување од владата.

Шесте барања на ДПА до владата не се реализирани, ниту пак премиерот ги прифатил во разговорите со Тачи. Меѓу нив беа и признавање на Косово, официјализирање на албанскиот јазик, стопирање на судските процеси во Македонија за вратените четири предмети од Хашкиот трибунал за поранешните борци од ОНА. Во одлуката да се напушти владата лидерот на ДПА не беше убеден ниту од амбасадорката на САД Џилијен Миловановиќ. Се прави обид за притисок врз лидерот на ДПА Тачи од ЕУ и британскиот амбасадор во Скопје. По средбата со Миловановиќ Тачи изјави:

„Јас фигуративно само го вклучувам црвеното светло на семафорот за да не дојде до сообраќајка. Не ми паѓа на памет да дозволам партијата да влегува во други води, екстремни, радикални. Од денеска секој ден ќе се дистанцирам од такви идеи.“

Тачи го менува ставот околу името?

Без овие партии на Албанците во владата, зашто и ПДП најавува повлекување, премиерот Груевски тешко ќе најде соработка со албанскиот политички фактор, особено со опозициската ДУИ.

Мендух Тачи застана во одбрана на уставното име, но сега сугерира македонските власти да ги следат потезите на САД и на ЕУ околу решавање на спорото со Грција. Синоќа инаку кај премиерот Никола Груевски била амбасадорката на САД Миловановиќ во обид да се направи притисок врз Скопје да се прифати компромисно решение за името.