1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонската жена е активна, модерна и рамноправна

8 март 2010

Посебни статистики нема, но искуството вели дека припадничките на понежниот пол со македонско потекло кои живеат во Германија се активни, современи и еманципирани, работно ангажирани и семејни.

https://p.dw.com/p/MLSd
Фотографија: picture-alliance / dpa

Каков е профилот на македонската жена во Германија? Колку години има? Какво е нејзиното образование? Дали и каде е вработена? Дали е во брак? Има ли деца? Овие детали ги нема ни во прецизната германска статистика, во која се вели дека во земјата се евидентирани 62.295 доселеници од Македонија. Уште помалку за профилот на припадничките на понежниот пол со македонско потекло знаат во дипломатските претставништва, клубовите и црковните општини. Но, од бројните разговори дознавме дека традиционалните и сега веќе пензионирани Македонки кои дошле пред четири децении, но и новодоселените, најчесто се активни и семејни.

Втора плата во семејството

„Речиси сите се вработени. Имаме жени-возачи на автобуси, на метроа, медицински сестри, продавачки, воспитувачки во детски градинки... Ретко има домаќинки зашто со една плата е тешко, човек може само да си ги собере куферите и да си оди“, вели Васе Шопов од Хамбург, додека Трајче Костадиновски од Штутгарт дополнува дека познава мал број жени што седат дома. Но, според него, нема Македонки кои се на некои високи позиции - директори, шефови... Обично младите имаат подобри работни места.

Symbolbild Frauen im Büro / gutes Verhältnis Chef und Mitarbeiter
Многу жени со македонско потекло работат како службенички!Фотографија: picture alliance/chromorange

Бранка Коцева вози градски автобус ХХЛ во Хамбург. Во Германија живее скоро 20 години. Има сопруг и две деца. Ја прашуваме како е да се биде жена во една машка професија?

„Добро е. Доста сме прифатени. Ние сме 10 процени жени, меѓутоа нашата работа се цени. Можеби тоа е и работа на карактерот.“

Што се однесува до празнувањето на осми март и посебноста на овој ден, Бранка Коцева вели дека се обидува преку цела година животот да и‘ биде интересен и празничен. На работа добива цвеќе. Исто и дома, но за неа празнувањето е застарено. Еманципацијата напредува и таа смета дека празнувањето не е согласно со времето во кое живееме.

Busfahrerin Branka Koceva
Бранка Коцева одлично се снаоѓа во машката професија - таа е возач на автобус во ХамбургФотографија: DW

Рамноправни во секој поглед

Наде Пејоска е 37 години во Германија. Заедно со сопругот го води ресторанот „Македонија” во Берлин. На прашањето како гледа на рамноправноста, шеговито одговара „Со отворени очи!“ Се чувстува рамноправна во секој поглед: во домот, во бизнисот, во склучувањето договори, кусо кажано - во се‘! Според Пејоска, вака не било кај постарите.

А како кон празникот гледаат оние кои се новодојдени во Германија? Билјана Митровска, пијанистка и композитор која последнава деценија живее и работи во една фондација за култура во Минхен вели дека тука и не слави онака како кај нас. Во секој случај, си честита со нејзините блиски пријателки и ќе прославува работно: со термини и обврски!

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска