1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонската опозиција повторно побара избори

ЖА/макфакс27 јануари 2013

„Сојуз за иднината“, коалицијата предводена од опозиционата СДСМ денеска повторно излезе на протестен марш во Скопје под мотото „Отпор против партиско-полицискиот режим“. Црвенковски со рима му се обрати на Груевски.

https://p.dw.com/p/17SPu
Фотографија: picture-alliance/dpa

Лидерот на СДСМ Бранко Црвенковски рече дека денешниот протест сакале да го завршат пред Министерството за внатрешни работи, но кордоните полиција ги запреле многу подалеку.

„Но, не згрешија. Застанавме пред зградата во која живее наредбодателот Никола Груевски. Тој самиот лично и да нe‘ види и да нe‘ слушне, не неговите медиумски мегафони. И да нe‘ брои и да нe‘ изброи. Дозволете да му упатам еден повик: Излези Никола право на тераса и поздрави го народот што гласа. Излези Никола право на балкон да си го видиш црвениот картон“, рече Црвенковски.

Тој уште еднаш порача дека на Македонија и‘ се потребни предвремени парламентарни избори, на коишто народот ќе одлучи „во каква држава ќе живее“.

„Тешко на таа власт која чека само полиција да ја држи на власт. И овие полицајци имаат свои семејства и свои деца и гледаат дека ова што ни се случува не е нормално и не може на арно да заврши. Ова што ни се случува е тест за тоа во каква држава ќе живееме, каква држава ќе имаме. Мене не ми треба никој да ми ја спасува кариерата. Јас својата кариера ја направив, но сакам да живеам во нормална држава. Оваа одлука може да ја донесе само оној кому му припаѓа оваа држава, а тоа е народот. Затоа ни се потребни фер избори. Народот да реши. На Македонија и‘ се потребни избори. Историски избори за историска победа. Како ретко кога во мојот живот сум горд што припаѓам на ваков народ“, рече Црвенковски.

На протестниот марш пред присутните граѓани им се обрати и Стојанче Ангелов од партијата „Достоинство“, лидерот на ЛДП Андреј Жерновски, претседателот на НСДП Тито Петковски и активистот за човекови права Суад Мисини.

Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска порача дека опозицијата протестира против 12.000 припадници на полицијата, кои достоинствено и професионално ја вршат својата работа.