1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонската „Соба со пијано“ пред филмаџиите на маркетот на Берлиналето

Силвера Падори-Кленке11 февруари 2014

„Соба со пијано“ на Игор Иванов на едно место ја собра експертската публика на Европскиот филмски маркет на Берлиналето. Филмаџиите велат - добро остварување, кое ќе има голем број фестивалски пријатели!

https://p.dw.com/p/1B6Zk
European Film Market (EFM) Berlinale 2014
Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

„Многу добра камера, многу добри актери, перфектен сетинг, добра уметничка режија, добра музика! Посакувам 'Соба со пијано' да обиколи многу фестивали и сметам дека ќе добие бројни пријатели“. Овие атрибути за „Соба со пијано“, по нејзината проекција за Дојче веле ги истакна германскиот продуцент и филмски експерт Марчело Бузе, кој стои зад реализацијата на филмовите „Контакт“ (2005), „За роденден“ (2013), „Армин“ (2007). Повеќето филмски критичари и познавачи на филмската уметност, како Јелка Рочен (Словенија) и Александар Шлиг (Германија), велат дека идејата и црвената нишка водилка во филмот е одлична. Се забележува дека филмот е сработен со малку пари – нема гламур, ја има минималистичката нота, но и интересниот печат на уметничко режисерско остварување кое, иако без големи претензии, остварува резултат кој пленува.

Задоволство од прикажувањето на Филмскиот маркет на Берлиналето изразија и режисерот Игор Иваов и продуцентот Томи Салковски.

Уметничко остварување

„Филмот го работевме напорно за да стигнеме на Битолскиот фестивал. Имавме други рокови, но бидејќи бевме поканети Фестивалот традиционално да биде отворен со македонски филм, направивме надчовечки напори за да стигнеме и таму да ја имаме премиерата. Целиот фестивалски живот на 'Соба со пијано' го планираме за оваа - 2014 година. Практично сега, со Берлиналето кое ја отвора сезоната на големите фестивали, започнуваме да преговараме каков ќе биде фестивалскиот живот на филмот. Она што е важно е дека сакаме да му овозможиме што подобра меѓународна пропомоција и да допре до онаа публика за која е наменет“, истакнува за Дојче веле режисерот Игор Иванов.

Тој забележува дека станува збор за специфичен арт-хаус филм. Продукциски гледано, тоа е мал филм (македонско-словенечко-српска копродукција), завршен во рекордно време за само 890.000 евра, кој сепак успеа во себе да интегрира извонредна актерска екипа.

European Film Market (EFM) Berlinale 2014
Режисерот Игор Иванов и продуцентот Томи Салковски очекуваат успешна фестивалска година за „Соба со пијано“.Фотографија: DW/S. Padori-Klenke

„Станува збор за студија на епизодни карактери. Прилично нестандарден концепт за игран филм. Може да се каже дека е еден вид омнибус во кој собата со пијано е сведок на животите на ликовите кои се распаѓаат сега, овде и тука пред нашите очи“, дополнува Иванов, искажувајќи благодарност за работата на извонредната актерска екипа.

Во филмот играат германскиот актер Торстен Вогес, кој живее и работи во Холивуд, Ханес Вегенер, потоа легендата на југословенското актерството Светозар Цветковиќ, младата Невена Ристиќ, Тони Палмер британски режисер, кој е специјален гостин во филмот. Тука е Наташа Петровиќ, една од десетте млади надежи на Берлиналето 2011-та година, која е централниот лик околу кој се одвива приказната, но и извонредните Јовица Михајловски, Игор Столевски, Симона Спировска и секако Васил Зафирчев, кој во ликот на Ира филигрански ја изгради можеби улогата на неговиот живот.

И за продуцентот Томи Салковски, најважно е фимот да си го најде вистинското место. По премиерата во Битола, филмот бил дистрибуиран ширум Македонија. Со оглед на тоа што станува збор за некомерцијаен филм, гледаноста била над очекувањата.

Фестивалски живот и покрај немилата епизода

„Мислиме дека филмот ќе има долг живот и во наредните две години ќе настапува на бројни фестивали каде се цени уметничкото филмско остварување“, дополнува Салковски кого го прашавме - зошто „Соба со пијано“ не се најде во натпреварувачката или некоја од придружните програми на Берлиналето?

„Ние сакавме филмот да биде во официјалната конкуренција на Берлиналето. Го гледавме само како номиниран меѓу 20-те во борбата за Златната мечка. Не бевме заинтертесирани да го има во некоја од другите придружни програми“, подвлекува Салковски, според кого по Берлин, започнува меѓународната промоција и диструбуција.

Најавата на ланското Берлинале дека филмот се работи и скоро доаѓа, според Салковски, била добар маркетиншки потег, зашто оние кои ги интересира филмот од регионот, го знаеле, очекувале и сакале да го видат ова остварување. Она што може со сигурност да се каже и открие е дека „Соба со пијано“ е селектиран во натпреварувачкиот дел на белгардски ФЕСТ. Има и уште неколку договорени фестивали, меѓутоа овие информации се под ембарго, зашто програмата и учеството на некој филм, мора прв да ги објави организаторот.

Што се однесува до неубавите моменти околу неноминирањето на „Соба со пијано“ за македонски кандидат за Оскар, и Иванов и Салковски се на мислење дека македонската „клетотија“ е само епизода, која ќе биде брзо засенета од долгиот и успешен фестивалски живот на филмот.

Berlinale 2011 Natasa Petrovic
Во 2011 Наташа Петровиќ беше шутинг стар на Берлиналето, а годинава на маркетот настапи како актерка во „Соба со пијано“Фотографија: DW

„Ние доаѓаме од многу мала држава, два милиона народ сме. Работиме, а и државата издвојува за филмот, сака да ја има таа меѓународна промоција. Ние не ги правиме филмовите само за нас или нашата локална публика. Многу ни е поважна оваа борба за нашиот идентитет и меѓународно самодокажување, кое го имаме преку спорот и културата. Како што е познато, некои луѓе си зедоа за право да забранат филмот да ја има својата промоција. Тука видовме дека ова одекна негативно и во меѓународниот стручен печат. Имаше текстови и во ’Холивуд репортер’, каде авторот се чуди како е донесена одлуката од сите два филма ниту еден да не оди во трката за Оскар? И борбата за Оскарот е како Олимпијада - ако ги исполнувате критериумите одите, ако не – не! Не велам дека ние ќе го добивме Оскарот, но нашата работа е да сме присутни, да покажеме што работиме, да го видат филмот и преку Океанот. Па, можеби некој од актерите ќе биде забележен, можеби ќе успее да се пробие? Сакавме да ја имаме шансата рамноправно да учествуваме во таа меѓународна промоција и натпревар. Мислам дека целата штета и срам паднаа на грбот на тие што си дадоа за право вака да постапат“, коментира Салковски.

Документарец за МИЗАР

Инаку режисерот Игор Иванов, за ДВ ги кажува и своите планови. На прво место, како што вели, се фестивалите каде филмот ќе биде претставен, но тој планира и снимање документарен филм за легендарната музичка група МИЗАР.

„Сметам дека ова е значаен проект, важен од повеќе аспекти. Прво, дека го одредува идентитетот на една нација преку поп-културата. МИЗАР е првата македонска рок-група која издаде плоча на македонски јазик, која имаше влијание врз музичката сцена на Словенија, Хрватска, но и во Австралија. Тие произлегоја од една скопска андерграунд сцена. Се' уште се живи и здрави и сметам дека е вистинско време да се направи еден ваков документарен филм. Тоа е она што сакам да го направам во 2014. Инаку најавивме дека работиме и на еден голем проект за браќата Манаки. Тоа е нешто што е во развој и ќе видиме кога реално ќе дојде моментот ова да се реализира. Паралелно работиме и на еден класично европски филм - стандардно нискобуџетско пакување, кое се случува кај нас, овде и сега, во овој простор и време“, истакнува за Дојче веле Игор Иванов.