1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонскиот пасош по европски терк - до крајот на есента!

Силвера Падори13 јуни 2006

Еден од условите кој го поставува Унијата пред Македонија за либерализација на визниот режим е - патна исправа по европски терк, која до крајот на есента треба да ja заврши германскиот изработувач Гезеке и да стигне до македонскиоте граѓани

https://p.dw.com/p/AddY

Македонија до крајот на есента треба да ја добие новата патна исправа која ќе биде стокмена со сите европски нишани. Овој термин, како што дознава Дојче Веле, е најавен по работната средбата во Минхен меѓу македонскиот министер за внатрешни рабори Љубомир Михајловски и претставниците на фирмата Гезеке која го изработува пасошот. Македонскиот амбасадорот во Германија Ѓорги Филипов кажува дека пасошите изгледаат европски со сите специфичности кои ги налага законот. Во општините каде одредени националности имаат мнозинство, ќе биде овозможено во пасошите да се користи и нивниот јазик. И сега, инаку, има извесно шаренило во патните исправи и на земјите од Унијата, кое се очекува да се надмине од наредната година. Поточно, идеја е европскиот пасош да биде унифициран , да има иста боја - црвена или виолетова, па таква ќе биде и македонската патна исправа. Со оглед што станува збор за примена на врвна технологи, во внатрешноста на пасошот, кога се гледа под одреден агол, ќе може да се забележат и боите на одредената држава. Според амбасадорот Ѓорги Филипов, со оглед што од идната година сите европски држави ќе мора да имаат пасоши со биометриски податоци, Македонија благовремено се подготвува за членството во ЕУ и нема да има потреба понатаму да ги менува пасошите, без разлика кога ќе стане полноправен дел од Унијата.

Инаку, пасошите ќе бидат европски, не копирливи, со што ќе се исполни и условот кој го поставува ЕУ пред Македонија во однос на либерализацијата на визниот режим. МНР, вели Филипов, силно работи на олеснувањата на визниот режим и европските партнери постојано како аргумент против ги истакнуваа пасошите. Сега, со новите пасоши, тоа прашање дефинитивно ќе биде симнато од дневен ред.

Инаку, во германската делегација предводена од сојузниот министер за стопанство Михаел Глос. која в четврток и петок ќе престојува во Македонија, ќе бидат и претставници на Фирмата “Гезеке” која го изготвува македонскиот пасош.