1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонскиот шах е малку замрен

10 февруари 2011

Не беше изненадување кога во последните денови од 2010 Лидија Софревска-Андонова ја доби довербата да застане на чело на шаховската федерација на Македонија. Таа се надева дека за шахот доаѓаат подобри времиња.

https://p.dw.com/p/Qza5
Фотографија: AP

Некогаш најдобра македонска шахистка, олимпијка, од мали нозе е во чудесниот свет на црно-белите полиња. Сега е една од креаторите на најдобриот македонски клуб „Алкалоид“, од Скопје. За она што затекува во македонскиот шах, Лидија Софревска-Андонова вели дека е состојба на мала замреност.

„Шаховската федерација и шаховскиот живот во државава се наоѓаше во состојба на, по малку, замрени активности, пред се‘ како резултат на недоволни финансиски средства, кои доведоа и до замирање на интересот и немање на добри млади играчи. Едноставно, јас велам дека ни‘ фалат две-три генерации шахисти во однос на тоа што беше порано.“

Со изборот на Софревска-Андонова за претседател на Шаховската федерација во улога на главен спонзор и финансиер влегува најголемата фармацевска куќа во Македонија, Алкалоид. Следат ли подобри времиња за шахот?

„На општа радост на шахистите компанијата ’Алкалоид’ реши да ја поддржи Шаховската федерација спонзорски, финансиски, како и кадровски, за да може шахот да го врати реномето. Шахот е убава, престижна дејност, интелектуален спорт, кој може да биде гордост и на поединецот и на нацијата.“

Flash-Galerie Spiele Gesellschaftsspiele Schach
Прва цел која си ја постави раководството на Шаховската федерација - поддршка на развојот на јуниорскиот шахФотографија: picture-alliance/ dpa

Македонската шаховска репрезентација напати имаше силни блесоци, особено на Олимпијадите. Понекогаш остануваа далеку од најдобрите, во зависност од подготвеноста.

„Шаховската федерација ќе направи напор да обезбеди добри услови за активностите кои се планираат. Во однос на врвниот шах, сакаме да го вратиме реномето на шампионатите на Македонија. Тоа да биде престижен турнир со учество на најдобрите македонски шахисти. Планираме да продолжи Отвореното шаховско првенство на Македонија во текот на летниот период. Тоа е можност за натпревар со добри играчи од соседството. Во план е обновување на Скопје Опен, што се надевам дека ќе ги израдува љубителите на шахот во Скопје. Тоа би бил турнир од повисок ранг во рамките на балкан Купот. На крајот на годинава не‘ очекува Европското екипно првенство, на кое ќе настапи репрезентацијата на Македонија. Во врска со ова, планирани се куси подготовки на кои селекторот би ги имал заедно сите играчи.“

Шаховските школи- приоритет

Еден од приоритетите, сепак, е подобрување на шаховската база, онаму од каде во изминатите децении никнаа десетици имиња со највискои шаховски титули.

„Тоа е и првата цел која си ја постави раководството на Шаховската федерација - поддршка на развојот на јуниорскиот шах. Без оваа база ние не би имале врвен шах. Веќе неколку години наназад во организација на ШК ’Алкалоид’ функционираат неколку шаховски школи, кои ги водат врвните играчи. Тука е и школата на „Гамбит“, што значи дека успеавме во последниве две години е создадена база. Во Прилеп со младите работи Звонко Станојовски, во Неготино Трајко Недев, во Струга Габриела Коскоска и Ристе Менкиоски, во Скопје работат Драгољуб Јачимовиќ и Дејан Стојановски, тука е и Влатко Богдановски. Сакаме да ги охрабриме и во другите градови во Македонија да почнат со слични активности. Федерацијата ќе обезбеди учества на европските првенства за овие помлади категории.“

Schachspiel
Следат ли подобри времиња за шахот?Фотографија: Illuscope

Недостигот на шаховски домови - болна точка

Македонија, шаховски, е препознатлива. Беше домаќин на Олимпијадата во 1972-та, на Европското поединечно првенство во 2001-та. Најголемите светски шахисти беа дел од турнирите на Солидарност во 70-те години. Лидија Софревска-Андонова ќе се залага да се врати таа турнирска традиција, како и отворање на нови шаховски домови, најадекватното место за шаховските таленти и за нивна едукација.

„Најболната точка на македонскиот шах денес е непостоењето на шаховски дом. Ние сакаме да поттикнеме активност, а од друга страна, нема простор секој љубител на шахот во слободното време да игра шах. Среќа е што некои клубови, сепак, имаат простории, па активностите од помал обем таму се реализираат. Но, мислам дека е време да се укаже дека е направен пропуст од страна на државата што нема веќе шаховски домови. Шахот во минатото и‘ донесе многу позитивни работи на државата.“

Автор: Златко Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска