1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонскиот јазик загрозен во Грција

БГ/миа31 октомври 2013

Активистка за правата на Македонците во Грција тврди дека македонскиот јазик се‘ помалку се употребува во Грција како резултат на притисоците од властите.

https://p.dw.com/p/1A9RD
Фотографија: picture-alliance/dpa

Евгенија Нацулиду, активистка за правата на Македонците во Грција и тамошен претставник на Обединетата македонска дијаспора, ја претставила тешката положба на Македонците и грчките обиди за бришење на македонскиот јазик на семинар на Мрежата за промовирање на јазична разновидност во Даблин.

„Македонскиот јазик е речиси изумрен меѓу помладите генерации. Постарите генерации кои обично говорат на македонски со семејствата, роднините и пријателите, обично избегнуват да говорат на македонски во јавност“, изјавила Нацулиду пред учесниците на семинарот кој се одржал пред десетина дена, информираат од Обединетата македонска дијаспора.

Нацулиду предупредила дека Грција не дозволува употреба на македонскиот јазик во официјални цели.

„Македонскиот јазик никогаш не се употребува во формален говор, во продавница, или во државните институции, па дури и кога говорникот знае дека лицето на кое тој/таа му се обраќа, исто така говори македонски“, рекла Нацулиду која, во име на ОМД, бара грчката Влада треба да стори повеќе за зачувувањето на македонскиот јазик, а како почетен чекор да донесе закон за заштита на регионални јазици и јазиците на малцинствата.

Мрежата за промовирање јазична разновидност работи на промовирање на јазиците кои се малцински јазици во државите во Европа. Промовира политики кон изучување и заштита на овие јазици и на јазичната разновидност на Европа.

„Бидејќи НПЛД смета дека јазичната разноликост е можност за меѓукултурен дијалог меѓу Европејците, заклучоците изнесени од Нацулиду се истовремено важни, загрижувачки и навремени бидејќи македонскиот јазик е на работ на истребување“, оценуваат од Обединетата македонска дијаспора.