1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските домати на промоција во Берлин

11 февруари 2011

Меѓу 2.500 излагачи од 80 држави на саемот „Фрут Логистика” во Берлин и годинава се претставуваат македонските производители на зеленчук и овошје. Со што придонесува Македонија кон европската трпеза?

https://p.dw.com/p/QzP0
Фотографија: DW

На саемот кој трае до петок (11.02.), македонскиот зеленчук и овошје меѓу илјадниците штандови ги претставуваат фирмите „Агролозар”, „Виви пром”, „Туран”, и „Баџо”, кои веќе традиционално се во Берлин.

„Промоцијата е најбитен елемент да се влезе во трговијата. Без промоција не може да се најдат соодветни партнери. Станува збор за поголеми количини, за барање нови пазари и затоа мораме да бидеме присутни и да ги презентираме нашите производи: по квалитет и по количини.“ Вели Бранко Балтовски од „Агрохемија” од Скопје.

Fruit Logistica Messe Berlin
„Агролозар„ тргува со „Кауфланд“, „Едека“, кажува Бранко БалтовскиФотографија: DW

Заедно со неколкумина македонски производители во текот на трите саемски дена тој се обиде да го разбуди интересирањето за македонските градинарски производи, за праските и лубеницата „памполино“, виното... „Се среќаваме со нашите стари партнери, а запознаме и нови. Во Полска и Чешка сме познати по зелката, по доматите во поранешниот Ју-просторот, во Грција и Бугарија. Соработка со Германија се уште немаме,“ Кажува Виктор Туранов од фирмата„Туран”.

„Баџо”од Богданци, пак, во Берлин се претставува по третпат. Како што истакнува Ристо Данаилов, и тие немаат извоз во Германија. Најголемиот дел од нивните производи завршуваат на масите во Чешка, Романија, Латвија, Литванија, Русија и Украина.

МК производи во супермаркет

Fruit Logistica Messe Berlin
„Баџо“ е присутен во Чешка, Романија, Латвија, Литванија, вели Ристо ДанаиловФотографија: DW

Единствено компанијата „Агролозар“ има соработка со германските супермаркети „Кауфланд“, „Едека“ и „Купфер“. Нивна ориентација е да обезбедат традиционални партнери не само заради планирање на производството и сигурното плаќање, туку и поради добивање добри цени и динамика на количините. Порано на македонските производители им се забележуваше дека немаат добра амбалажа и доволно количества. Дали тоа се промени?

„Работите во позитивна смисла рапидно се менуваат. Не заостануваме ниту по квалите тна амбалажа - користиме италијанска техника“, објаснува Бранко Балтовски од скопската компанија „Агрохемија“. Тој нагласува и дека неговата компанија ги задоволува европските стандарди за квалитет, без кои извозот е речиси невозможен.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Трајче Тосев