1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските земјоделци исплашени од српска конкуренција

Горан Петрески2 јуни 2006

За само десет дена на Македонија и се случија две крупни промени во трговијата со северниот сосед. Од вчера, земјата тргува со Србија сосема без царина, без квоти и други ограничувања. По референдумот во Црна Гора, Македонија доби нова директна трговска дестинација. Размената што досега одеше преку Белград, сега треба да се дефинира со Подгорица.

https://p.dw.com/p/AeLf
Фотографија: dpa

Македонските извозници тријат раце. Земјоделците се во паника, поради целосната либерализација со Србија. Се плашат дека евтиното српско млеко и пченица ќе го преплават македонскиот пазар и ќе го уништат домашното производство. Крсте Ѓоршевски, жетвар од фримата “Бистрица“ вели:

“Сега, како што тргнала оваа работа вака, без царини увоз-извоз, ние автоматски сме пропаднале. Автоматски. Не може никој да крене глава. “

Македонските производители велат “Државата требаше да реагира порано – кога веќе ги крева рампите, да го стимулира домашното производство“. Драган Ранчиќ реагира:

“И владата треба да размисли малку и таа да воведе некои поволности за нашите снабдувачи со млеко, за тие да можат да бидат поконкурентни на сите други фирми кои што влегуваат во Македонија. “

Целосната либерализација со Србија им оди на рака на ОКТА и Макстил, најголемите извозници на српскиот пазар. Уште поголема перспектива, не само за нив, отвора црногорскиот пазар. Експертите велат – Црна Гора е мал, но погоден пазар за македонското земјоделство. Професорот Абдулменаф Беџети препорачува:

“Треба да се реагира веднаш, без размислување. Пазарот има капацитет кој е лимитиран – половина милион, но има предности во некоја размена. Кај нив предноста е туризмот, а кај нас земјоделските производи, производите на лесната индустрија кои што можатд а најдат пласман, бидејќи тој пазар ни е географски близок. “

Бидејќи досега стоките за и од Црна Гора доаѓаа и одеа преку Белград, нема одделни податоци за трговската размена меѓу Македонија и Црна Гора. Со Србија размената изнесува околу 750 милиони евра годишно. Професорот по меѓународно право, Васил Тупурковски, велид ека трговските односи на балканските земји, во иднина ќе ги дефинира новата заедничка царинска унија што ја предлага Брисел:

“Мислам дека на крајот ќе ни се случи потреба за наша соработка на Балканот, најверојатно и царинска унија, која што ќе не научи на европските стандарди во однесувањето. “

Предлогот на Брисел предвидува од почетокот на наредната година, балканските земји да тргуваат врз основа на единствен заеднички договор за слободна трговија, унија слична на ЦЕФТА, чие постоење ја загуби смислата откако поголемиот дел на нејзините членки и пристапија на ЕУ.