1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските интелектуалци молчат

Сузана Тодоровска-Павлоска21 јануари 2013

Политичките елити во Македонија прават што сакаат, а интелектуалците се немоќни да го променат тоа. Професионалниот и морален интегритет на интелектуалната сила е ставен под прашање.

https://p.dw.com/p/17NxO
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во горливите општествено-политички моменти, кога се очекува интелектуалците да заземат критичка позиција и да се изјаснат со своите ставови, македонската интелектуална елита сè повеќе е маргинализиран општествен актер. По дефиниција, етичноста, вистината и универзалните вредности се императивите на интелектуалната сила. Но, таа денес во Македонија главно молчи.

„Политичките елити прават што сакаат, а оставаат интелектуалците да зборуваат колку што сакаат, бидејќи знаат дека тие немаат моќ да ги променат нивните одлуки, па дури добиваат поени за тоа дека даваат слобода да се зборува што се сака“, вели за ДВ професорот по филозофија д-р Ферид Мухиќ, објаснувајќи дека интелектуалците одамна не се никаков фактор ниту на светската сцена.

Дефетизмот не треба да обесхрабри

Ferid Muhic
Ферид МухиќФотографија: Petr Stojanovski

„Веќе 20-тина години ниту едно интелектуално движење не донесе ниту најмала промена на одлуките на политичките елити. Во таа смисла, можеби македонските интелектуалци се паметни и гледаат дека немаат сила, па тогаш - зошто да зборуваат?

Времето во кое Џордано Бруно бил спален поради своите зборови е време во кое зборот вредел. Денес зборот на интелектуалецот е тотално девалвиран, но дефетизмот не треба да ги исклучи интелектуалците. Тие мораат да зборуваатm затоа што општество во кое разумот е деградиран, а вистината неважна и се молчи и тоа не им се става пред очи на оние кои ги игнорираат, тоа општество нема надеж“, вели професорот Мухиќ.

Интелектуалците со „употребна вредност“ за партиите

Кризата на „јавниот ум“ значи криза во општеството и под прашање ги става професионалниот и морален интегритет на интелектуалната сила - академици, научници, професори, уметници. Македонските интелектуалци обично стојат во сенката на настаните, но и зад партиските микрофони. Професорот Мухиќ коментира:

„Тоа е компромитирање на она што е интелектуалецот како инстанца, која би требала да е независна од времето, а зависна само од високите стандарди на вистината. Сепак, интелектуалците и уметниците колку и да им се восхитуваме, се најпоткупливиот сој во историјата. Се разбира, може и од убедување да се дејствува во согласност со една партија, но партизацијата е перспектива од само еден аспект, а интелектуалецот дејствува од сите аспекти“, објаснува професорот Мухиќ.

За интелектуалците нема место во медиумите

„Интелектуалец без став не е интелектуалец“, вели актерката Синоличка Трпкова, која преку своите колумни се обидува да направи директно, емотивно сецирање на болните места во македонското општество.

„Сите мора да имаме став. Интелектуалец без став е кукавица или се извинувам на изразот - проститутка! Кај нас има три типови луѓе. Eдни, кои не мора да се интелектуалци, но чувствуваат и учествуваат во промените што треба да се случат односно да се симне власта. Другите се оние кои се на нејзината страна но, ниеден умен човек во историјата не бил на страната на ниту еден режим. Секое општество било движено од малку луѓе - не од мнозинството. И третата опција - само претставена како интелектуалци, тие се неутралните кои бараат решение во трпението.

Интелектуалците во Македонија се во сенка затоа што или си со ордата или си индивидуалец. Нивото на свест кај луѓето е многу ниско и тоа се одржува преку провладино ориентираните медиуми, што е всушност целта на режимот“, вели Трпкова за ДВ.

За оние кои молчат и за замолчените...

Сличен е ставот на професорот од Филозофскиот факултет Љубомир Цуцуловски за кого, активизмот и критиката се суштината на интелектуалната дејност, додека молчењето е карактеристика на квазиинтелектуалците. За себе вели дека е замолчен.

„Едни се неми затоа што сметаат дека интелектуалeцот треба да биде надвор од каква било политика. Други молчат затоа што сметаат дека ’наведната глава сабја не ја сече. Трети не молчат, но се ставаат во функција на одредени парцијални интереси, сведувајќи се на партиски апологети. Четврти не молчат и отворено го кажуваат своето мислење, но тие се ретки. Петти, меѓу кои се вбројувам и самиот едноставно се замолчени – нивните текстови, макар што се договорени за објавување, во последен миг не се објавуваат, што е класичен пример за цензура од страна на одредени медиуми. Забораваат дека и тие се дел од процесот на воведување на цензура“, ни изјави професорот Цуцуловски.

Mazedonien Schriftsteller Aleksandar Prokopiev
Александар ПрокопиевФотографија: DW/Todorovska-Pavloska

Интелектуалците не можат да бидат гласни доколку немаат средства за тоа, ни изјави неодамна писателот Александар Прокопиев.

„Интелектуалците не ’брануваат’ во многу земји! Но, ако постои стратегија која не е диригирана од некои политички резони и кога има поддршка во медиумите, доволно моќни за пласирање на мислата, тогаш е многу едноставно да се собере интелектуалната енергија, која во меѓувреме бара каде да се искаже себеси“, вели Прокопиев.

Интелектуалците им се потребни на политичарите?

„И на најекстремните политички опции, колку и да се тоталитарни, неопходна им е поткрепата на интелектуалците и нивното мислење за да го кажуваат она што е. Кога ќе престанеме да го зборуваме она што тие сакаат, општеството ќе стане подобро, а знаци за тоа има“, заклучува професорот Ферид Мухиќ.