1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските и бугарските новинари за позитивна клима

БГ/миа2 февруари 2014

На иницијатива на Македонско-бугарската стопанска комора се одржа првата средба на македонски и бугарски новинари, на која се дискутираше за создавање позитивна атмосфера во односите меѓу земјите.

https://p.dw.com/p/1B1Vl
Фотографија: AP Graphics/DW Fotomontage

Македонската и бугарската новинарска фела ќе развива меѓумедиумски дијалог со цел ширење на една позитивна клима и атмосфера за развивање на бизнис-релациите, културната соработка и поттикнување на политичките елити во решавање на заемните односи. Ова е договорено на дводневниот дијалог меѓу новинари и медиумски институции од Македонија и Бугарија, на иницијатива на Македонско-бугарската стопанска комора.

„Потребна ни е една позитивна размена и клима на заемна флуктуација на информации. Тоа е наша главна цел. Немаме намера да бидеме предвесници на тивка дипломатија или какви било облици на решавање на проблемите на двете земји надвор од институциите и да ги суспендираме политичките елити од нивната одговорност“, изјави по завршување на средбата Александар Чомовски.

Тој додаде дека би требало да се оди во правец на заеднички медиумски проекти, кои со тек на време би станале од интерес на медиумите и во Македонија и во Бугарија и, како што рече, „да излеземе од матрицата која ја детектиравме - дека во Бугарија се помалку се пишува за Македонија и оти во Македонија се пишува повеќе за Бугарија, но со една конотација со лоши предзнаци“.

Според Ѓорѓи Лозанов, претседател на Асоцијацијата на електронски медиуми во Бугарија, има многу поголеми можност за комуникација меѓу бугарското и македонското општество.

„Народите се поблиски отколку што е тоа видливо во медиумите. Треба да работиме на тој процес. Не случајно тргнуваме од бизнисот, бидејќи тој најмногу страда од таквата состојба“, изјави Лозанов и додаде дека меѓу луѓето кои живеат во нашите земји има многу пречки кои се наследени, меѓу кои и политички и историски. Треба да се направат повеќе чекори преку медиумите за народите да комуницираат повеќе, порача тој и како прв чекор посочи поголема комуникација меѓу новинрите и медиумите, потоа да почне пренесување преку кабелските мрежи на Македонската национална телевизија во Бугарија и обратно - на Бугарската национална телевизија во Македонија. Иницијативата за ова, како што рече, е покрената и е разговарано со претседателот на Советот за радиодифузија на Македонија, со цел таа аномалија да биде надмината.

Претседателот на Македонско-бугарската стопанска комора Зоре Темелковски потенцираше дека во правец на создавање подобра комуникација е создавањето симбиоза меѓу медиумите за подготовка на добрососедските и зголемените бизнис релациите.

„Во рамки на размената меѓу Македонија и Бугарија и создавањето подобар амбиент за подобро движење на капиталот и продуктите во регионот, Стоапнската комора и еснафот во неа сметаше дека треба преку своите полуги на сопственичката улога во медиумите да изнајде начин на воспоставување на една подобра стопанска клима во регионот. Во тој правец е и оваа средба - за еснафот новинарски да може да изгради едно свое позитивно мислење на добрососедски односи меѓу две држави, кои развиваат сериозен бизнис, кој почнува да се етаблира и преку финансиски капитал“, изјави Темелковски.

Следната средба меѓу македонските и бугарските новинари ќе се одржи во Бугарија.