1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските менаџери често употребуваат политички „клуч“

10 јуни 2009

Вработените во македонските компании немаат доволно компетентност и образование, не знаат странски јазици и работа со компјутер, дестимулирани се и немотивирани, покажаа истражувањата.

https://p.dw.com/p/I6iE
Наместо стручност, вработувања по политички заслуги

Светската економска криза, особено во овој момент, го исфрла на површина прашањето: колку се оспособени менаџерите во македонската економија да го извлечат максимумот од вработените, не само заради добивање профит, туку и да се одбегне евентуалното затворање на претпријатијата при ненадејните удари од пазарните движења?

Државниот завод за статистика соопшти дека од 919 илјади лица, колку што брои активното население во Македонија, вработени се 609 илјади, а невработени се 310 илјади лица. Но, експертите критички забележуваат дека вработените во економијата, но и во различните рамништа на администрацијата, не се мотивирани и не се стимулирани, а во одделни случаи нивната кариера не се темели врз професионалните способности, туку врз „политичките заслуги“.

Образовниот систем во Македонија не едуцира кадри според потребите на совремието

Константин Петковски, професор по индустриски менаџмент, бизнис и претприемништво на Државниот технички факултет во Битола, истакнува:

„Факт е дека во нашата држава се образува голем број на работна сила, но е исто така факт дека таа не е компетентна соодветно на потребите и барањата на новото време.“

Apple iMac G5
Далеку од модерните технички тековиФотографија: AP

Врз основа на едно истражување, спроведено во целата земја, со репрезентативен примерок од 2800 домаќинства и 10 илјади лица во нив, Христина Ципушева, истражувач на Факултетот за бизнис администрација на Штуловиот универзитет во Тетово, посочува на една од констатациите, кои се однесуваат на поголемиот број вработени:

„Тие не гледаат на одењето на работа како на шанса самите да се истакнат и да размислуваат како би можела организацијата да оди напред, без разлика дали еден вработен е на повисоко, или на пониско рамниште. Фактички, менаџерите кои управуваат со односните компании, не им даваат соодветни стимулации на вработените.“

И обичното „благодарам“ е значаен фактор за мотивираноста

„Не се секогаш паричните награди единствената основа за зголемена мотивација и стимулираност“, дополнува Надица Јовановска, истражувач на истиот факултет на Штуловиот универзитет и напоменува:

„За вработените да се чувствуваат како вредни, мора секојдневно да добијат пред се, барем едно „благодарам“ за извршената работа, треба да бидат однесени некогаш на некаков тренинг, да биде слушнат нивниот збор и да бидат вреднувани идеите, кои тие ги изнесуваат.“

Христина Ципушева со став:

„Нашите менаџери мислат дека, ете, можеби се снашле во новото време и оти се успешни. Но, ако ги вреднуваме врз основа на оние стандарди и принципи, според кои треба да се однесува еден менаџер, мислам дека ќе се покаже дека се тие многу далеку од тоа.“

Константин Петковски заклучува:

„Честопати некомпетентна работна сила е на работа, а компетентна работна сила, која може да даде многу повеќе, не е вработена. Некомпететентната работна сила значи, практично, намалување на профитот на компанијата “.

Систем од закани, казни и нередовни и ниски плати од напати несфатливи само 50 евра плата месечно, како што е тоа случајот годинава во неколку текстилни фирми во Тетово, сето тоа укажува дека постојат несовремени концепти на менаџмент со работната сила во таквите претпријатија. Според експертите, во таквите случаи таа работна сила, односно таквата вработеност во тие претпријатија, всушност, претставува „прикриена внатрешна невработеност“, поради нецелосната искористеност на човечките потенцијали.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска