1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските општини со обврзници ќе го полнат буџетот

16 јануари 2011

Со издавањето општински обврзници многу локални власти во Македонија ќе можат да обезбедат капитал за реализација на издавање значајни инвестициони и капитални проекти.

https://p.dw.com/p/QiCP
Седиштето на ЗЕЛС во СкопјеФотографија: Petr Stojanovski

Градоначалникот на Скопје и претседател на ЗЕЛС, Коце Трајановски смета дека издавањето на општинските обврзници во голем процент ќе ангажира дел од неискористениот капитал кој лежи во разни фондови и ќе придонесе за заживување на пазарот на хартии од вредност.

Градоначалникот на Велес Горан Петров не може децидно да одговори за кои капитални проекти и колку средства ќе бидат искористени од издавањето општинске обврзници во општината. Тој потенцира дека општина Велес, сакајќи да го валоризира сопствениот кредитен рејтинг, ќе направи прво анализи дали тие да се издаваат и за што би биле наменети собраните средства.

Platz in Veles, Mazedonien
Центарот на ВелесФотографија: Petar Stojanovski

„Во секој случај јас сум убеден дека тие финансиски процеси со коишто општините добиваат на самостојност ќе бидат искористени од општина Велес, но сметам дека се‘ уште е рано да се каже точно за каков вид на проекти. Во секој случај, тој би бил некој тип на проекти коишто би можеле да обезбедат повратни средства. Нешто слично веќе правиме и со проектите за задолжување пред Светската Банка“.

Предност за инвестиции во инфраструктурата

Но, затоа градоначалникот на Струмица Зоран Заев уште отсега има јасен став дека средствата од издавање на општински обврзници прво ќе ги искористат за гасификација на домаќинствата и јавните институции, со што годишно ќе заштедат преку 20 милиони евра, но и на други комунални и урбани инфраструктурни проекти.

„Апсолутно се работи за еколошки евтин енергенс којшто е многу важен сегмент од цената на чинење на струмичкото стопанство, она што ние го произведуваме како струмичани - раноградинарските земјоделски производи. Апсолутно размислувањата кај нас водат до таму - тоа да бидат исклучиво пари за проекти што ќе носат нови финансиски приходи на општината, од коишто би можеле да се враќаат самите пари од емитираните обврзници“, вели Заев.

Ривалството меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ скапо ја чини Струмица

Дека ривалството меѓу двете најголеми македонски партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ веќе сега е до точка на вриење се гледа и од песимистичката изјава на градоначалникот Заев, дека „општина Струмица и покрај најповолен кредитен рејтинг, додека е оваа Влада не ќе може да ги користи општинските обврзници“:

Strasse in Strumica, Mazedonien
Градоначалникот на Струмица, Заев сака да го гасифицира градот, но тврди дека се соочува со политички „сопки“Фотографија: Petar Stojanovski

„Делот од постапката за емисија на обврзници е да добиете позитивно мислење од Министерството за финансии и согласност од Влада. Тоа е согласно Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и постои упатство за таква работа. Општината ги исполнува сите критериуми за поволната кредитна линија што е од Светската Банка со 1,3% годишна каматна стапка. За вакви инфраструктурни објекти ние 11 месеци чекавме какво било мислење, но не го добивме. Заради тоа, општина Струмица со сопствени средства ќе ја гради гасоводната мрежа којашто треба да биде ставена во фунција во август 2011 година. Обврзниците се добар финансиски инструмент за сите општини. Јас тоа го потврдувам.“

И покрај ваквите случаи, генерално, како финансиски инструмент, општинските обврзници ќе придонесат за многу подинамичен, флексибилен и функционален развој на општините во Македонија.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска