1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските пожари предизвикани од човечки фактор

29 август 2011

Од почетокот на јуни годинава досега во Македонија се регистрирани 219 големи пожари во кои се опожарени 7 илјади хектари шума. Според надлежните, пожарите во најголем дел се предизвикани од човечки фактор.

https://p.dw.com/p/12PCe
Фотографија: AP

Во тоа е убеден и Шабан Салиу, директор на Дирекцијата  за заштита и спасување. Тој бара нивно фаќање и санкционирање. „Очекувам сите надлежни структури да преземат повеке активности и да ги фатат тие лица, за да им се изрече мерка односно да бидат казнети. Овие пиромани, несовесни граѓани на нашата државам прават штета не само на природата, туку и на останатиот жив свет во нашата држава.“

Салиу смета  дека сторителите на пожарите  припаѓаат  на таканаречената шумска мафија, луѓе кои го гледаат личниот интерес. „Јас посочив дека постојат  индиции дека има во однос на овие потпалувачи на шумските дрвја, односно пожарите од отворен карактер, од особен личен интерес. Тие дрвја целосно не согоруваат, напротив во иднина можат да се користат за потребите за домаќинставата.“

И според Јован Чаковски, помошник директор за заштита на шуми при Јавното претпријатие „Македонски шуми‘‘, најголем причинител на шумските пожари е човечкиот фактор, осомено земјоделците  со палање на стрмништата. „Појавата на шумските пожари не е во високостеблестите шуми, туку се јавуваат во ниските делови, односно покрај патиштата и затоа велам дека се намерно запалени. Пред се` палењето на стрмништата оваа година е донесено на највисока точка .Значи морам уште еднаш да напоменам дека бројот на пожарите се намалува и бројот на опожарената дрвна маса е во надолна линија, односно од стопански карактер. Затоа имаме и апел до граѓаните да не ги палат стрмништата, а што и со закон е забрането.“

Waldbrände in Russland Juli 2011 Flash-Galerie
Фотографија: picture-alliance/dpa

Подобра опременост на пожарникарите 

Според  надлежните бројот на опожарената високостеблена шума во Македонија последниве  години е намален, а што според Шабан Салиу  директор на Дирекцијата за заштита и спасување е резултат на набавката на три противпожарни авиони АД 802 АЕ трактор фајагот од страна на владата, од која тие бараат и четврт авион - двосед за гаснење и обука на пилотите. Салиу посочува дека преку сите свои 35 подрачни единици во текот на целата година ги следат состојбите, а преземаат  и разни мерки на превенција за што организираат семинири и обуки на своите и останатите структури за заштита од пожари. „Дирекцијата за заштита и спасување преку своето одделение Центарот за обука кој се наоѓа во Хром во Скопје врши обука на припадниците  на единиците на дирекцијата за заштита и спасување, како и на останатите јавни претпријатија и приватни трговски друштва. Значи навремено да бидат обучени да можат успешно да се справат токму со ваквите пожари од отворен карактер. Нашите единици ги опремуваме со соодветни   материјално-технички средства и опрема.“

Едукацијата на населението е најважна превентива

Освен 30 противпожарни друштва во Македонија, кои успешно работат во справување со пожарите, веќе неколку години во  Македонија делуваат и  14 непрофесионални противпожарни друштва. Едно од нив е „Видра‘‘ од Велес кое делува година ипол, пред се` во превентивна едукација на населението за заштита од пожари, појаснува  Љупчо Липидовски, професионален пожарникар и претседател на друштвото кое веќе второ лето го спроведува проектот „Биди спокоен“  за заштита на боровата шума на Велешкото езеро „Младост“.

„Секој викенд десет лица од нас дежураат на езерото и се подготвени за интервенција, во случај на пожар. Младата популација има задача да контактира со граѓаните, да ги посоветува и дискутира на темата заштита од пожарите, а воедно тие делат и едукативни флаери. Направивме и вежба, каде што граѓаните увидоа дека и младата популација е подготвена за гаснење на пожар.“

Поради топлотниот бран и зголемената опасност од пожари, владата воведе забрана за движење во шумите, што ќе трае до 3. септември годинава.

Автор: Антоанела Димитриевска

Редактор: Трајче Тосев