1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските преводи на европското законодавство се често несоодветни

11 септември 2011

Преведувањето и усогласувањето кон законите и прописите на Европската Унија за Македонија станува се‘ поголем јазичен и политички предизвик. Колку страници од европското законодавство се преведени на македонски јазик?

https://p.dw.com/p/12WAi
Македонија мора да преведе и усвои над 120.000 страници од европското законодавство, а тој број расте од ден во денФотографија: AP

Како се одвива процесот на хармонизација на македонското законодавство со европската регулатива? Од владиниот Секретаријат за европски прашања во повеќекратните обиди не добивме соговорници на оваа тема.

Досега, од повеќе од стотина илјади страници на европските прописи и акти, на македонски јазик се преведени околу 60 илјади страници. Само 20 илјади од нив се прегледани од стручни експерти. Радмила Шеќеринска, претседателката на Националниот совет за евроинтеграции, истакнува:

„Проценката е дека бројот на страници, кои што ќе треба да се преведат, ќе биде секако повеќе од 120 илјади, заедно со основните договори на Европската Унија. Таа бројка ќе расте постојано. Ние заостануваме сериозно во поглед на преводот, дури и во однос на други држави во регионот“.

Таа прецизира дека од досега преведените 60-ина илјади страници, само за 20 илјади страници е обезбедена целосна стручна ревизија.

Radmila Sekerinska von der SDSM Partei in Mazedonien
Радмила Шеќеринска тврди дека се ревидирани само 20.000 страници од преведениете 60.000Фотографија: Petar Stojanovski

„Тие страници не се сите ревидирани. Процесот на целосен превод на европското законодавство подразбира учество на преведувачи и на стручни лица од области. Ниту една стручна област, еве, земете животна средина, управување со отпад, електромагнетна компатибилност, заштита на потрошувачи, не можат да ја преведат само преведувачи. Напоредно со нив мора да работат и луѓе, кои се стручни во таа област. Затоа, за да се каже дека сте превеле страници, кои што можат натаму да се користат од Парламентот, Владата, државните институции, тоа значи дека мора лингвистите да си ја завршат својата работа, преведувачите, но треба да се заврши и стручната ревизија. Бројката, која беше достапна од Владата во еден од нејзините извештаи, е дека таква целосна постапка е завршена само за нешто повеќе од 20 илјади страници“.

Професорот по англиски јазик на Филолошкиот факултет на државниот универзитет во Скопје Зозе Мурговски истакнува:

„Постои неизедначеност во квалитетот на преводот. Има текстови кои се преведени многу добро, но има и текстови кои не ги задоволуваат стандардите на еден добар превод. Тоа се должи на непостоењето доволна соработка меѓу преведувачите, односно агенциите за превод. Препораката на Европското биро за превод е да има координација, особено во изборот на терминологијата и фразеологијата. Дури и во исти документи се забележува неизедначеност во изборот на термините. Еден термин во еден текст се користи со едно значење, а во друг текст се користи друг термин, кој има слично значење, меѓутоа не е изедначен. Таа неизедначеност се должи и на немањето соработка и меѓу агенциите за превод“.

Неразбирливи, двосмислени и сомнителни преводи на европските директиви на македонски јазик

Сепак, според универзитетскиот професор Мурговски, преводите ги задоволуваат барем основните критериуми.

Victor Bostinaru
Во ЕУ многу често се усвојуваат нови документи, а преводите испратени од Македонија се неразбирливи за бриселските функционериФотографија: picture-alliance/dpa

„Целосно земено, квалитетот на досегашните преводи ги задоволува основните критериуми. Меѓутоа, не треба да се залажуваме дека тоа ни‘ е нашата цел. Нашата цел не е само да ги преведеме, туку да ги преведеме на начин на кој и кога странецот ќе прочита, или кога во Брисел ќе прочитаат одделни законски акти, да знаат веднаш за што се работи. А, не да се случи како што се случувало – некои текстови да ги враќаат назад, бидејќи, и покрај тоа што корисниците го знаеле оригиналот, во преводот не знаеле за што станува збор. Да не заборавиме: се работи претежно за текстови од областа на законодавството, од областа на правото. А, тука дури и на македонски јазик не постои изедначеност во преводите. Постојат закони и делови од нив, кои за некои луѓе, па и за стручњаците се малку неразбирливи, или двосмислени. Значи, мојот апел би бил да се промени начинот на кој текстовите за превод им се доделуваат на преведувачките агенции“.

Шеќеринска се надоврзува:

„Се сопнуваме дури и на преводот, а донесувањето на законите, нивното усогласување, што е уште потешка процедура, ни‘ оди уште послабо. Поентата на усогласувањето не е да ја препишете европската директива. Мора да обезбедите начин таа да биде вклопена во законот, а тој закон реално да може да функционира во македонски услови. Преведените директиви не се јавно достапни, тие им се достапни на институциите, на министерствата, а јавноста тешко може да стигне до нив. Секако дека квалитетот е важен, бесполезно е да ги преведете директивите, ако тие  не се преведени точно и ако преводите не го пренесуваат нивното вистинско значење. Тогаш можат да се направат и крупни грешки“.

NO FLASH EU Fahne Flagge Europäische Union
Годинава е планирано македонскиот парламент да усвои помалку од 100 законски акти од ЕУФотографија: AP

Марија Ристеска, аналитичар за европски интеграции во Центарот за истражување и креирање политики од Скопје, смета:

„Со оглед дека Македонија е се‘ уште кандидатка за членство без датум за почеток на преговори, таа е значително напредната во процесот на приближување на законодавството кон она на Европската Унија. Секоја година Македонија усвојува едногодишна програма за приближување на законодавството и таа програма содржи стотина законски акти. Во оваа 2011 година мислам дека се 98. Годинава можам да забележам дека е особено забрзан овој процес. Пред јуни 2011 година околу 90 отсто од законските акти, кои што беа испланирани да бидат усвоени со оваа програма, и беа донесени“.

Притоа, таа нагласува:

„Ваквиот брз чекор во усвојувањето на законите и приспособувањето, приближувањето на законодавството има свои ризици. Овие законски акти имаат брза постапка на разгледување и усвојување во Собранието на РМ, што го намалува демократскиот капацитет на земјата, на некој начин, поради тоа што расправите во Парламентот за тоа како законското решение влијае врз унапредувањето на состојбите и квалитетот на животот во земјата отсуствуваат и повеќе се сведуваат на тоа дали сме усогласени или не со Европската Унија. Значи, македонските состојби малку излегуваат од фокусот на интересите на оние, кои што ги прават законите, односно кои ги развиваат законските решенија во Владата, нејзината стручна служба, како и на оние што ги усвојуваат тие решенија во Собранието. Тоа може, не велам дека е секогаш така, но може да предизвика ризик усвоените законски решенија да не одговараат на потребите на граѓаните на Македонија, туку да се усвојуваат само заради приближувањето кон ЕУ.“

Македонскиот експресен воз и неговите слепи колосеци

Mazedonien Das Parlament in Skopje
Законите ги преведуваат не добро платени преведувачи, се усвојуваат преку ноќ во парламентот, а по неколку месеци се менуваат, поради нивна неприменливостФотографија: Petar Stojanovski

Шеќеринска во врска со ова е категорична:

„Во Македонија овој процес се претвори во ударнички. Се донесуваат, се ’штанцаат’ закони преку ноќ, брзо, кои никој не ги чита, и по шест месеци се сфаќа дека тие закони не можат да се применат. Затоа често се менуваат законите, тиe се непостојани и создаваат само хаос. Тоа не е паметно усогласување со европското законодавство, туку тоа е контрапродуктивно. Тоа мора да се промени“.

Ристеска вели дека треба да се каже „со доза на позитивен критицизам“ и следново:

„Македонија не е единствената со ваква состојба во овој процес. Таква ситуација се случува речиси во сите земји - апликанти за членство сега, но и во претходната група на земји, кои веќе се приклучија и станаа членки на ЕУ. И тогаш академската и експертската заедница предупредуваше дека забрзаниот процес на приближување на македонското национално законодавство кон европското не смее да ги заобиколи процесите на анализа на состојбата и адаптирање на европските политики и решенија кон реалните потреби и состојби во земјата во која се презема европското законодавство“.

Мургоски, кој е познат лексикограф - составувач на речници, му порачува на владиниот Секретаријат за евроинтеграции:

„Секретаријатот за европски прашања мора да се позанимава посериозно со преводот. Да не заборавиме дека преводот е еден од многу важните фактори во процесот на пристапување. Работата е крајно сериозна“.

Тој критички заклучува дека негови студенти по англиски јазик, демотивирани од ниските цени за нивниот вложен труд, преведуваат европски акти:

„Цената на преводот не треба да биде пресуден фактор. Денес се случува преведувачките агенции поголемиот дел од парите да ги собираат, а на преведувачите им даваат онолку колку што тие сметаат дека преведувачите треба да добијат. Многумина од тие студенти се мои студенти и тие често не се задоволни. Ако човек не е задоволен од она што го добива за својата работа, тогаш е веројатно дека и работата ќе трпи малку  и нема да се добие онаков квалитет каков што треба да се добие. Има преведувачки агенции, кои нудат многу ниски цени, ја добиваат работата, а потоа квалитетот на преводот е малку сомнителен“.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска