1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските работници на преквалификација

Антоанела Димитриевска3 септември 2012

Во Македонија преку програми за преквалификација на работната сила, невработените стекнуваат нови знаења со кои полесно можат да најдат работа или отворат сопствен бизнис.

https://p.dw.com/p/162QL
Фотографија: picture-alliance/Ton Koene

Програмите за преквалификација и дообука, Владата на Република Македонија ги реализира преку Министерството за образование и Министерството за труд и социјална политика.

Од Министерство за труд и социјална политика за ДВ појаснуваат како се спроведува обуката: „Обуката се спроведува според одобрени и верификувани програми за обука од Министерството за образование и наука, а со стручно мислење за средни училишта од страна на Центарот за стручно образование и обука и Центарот за образование на возрасни. Се реализира во период од три месеци најчесто во Агенцијата за вработување. По нејзиното завршување, кандидатите реализираат практична работа кај работодавачите во траење од еден месец. Невработените кои успешно ќе ја завршат обуката се стекнуваат со диплома за преквалификација, а со која полесно можат да си најдат работа.

Од Министерството за труд и социјала ги добивме следните податоци „Во 2012, од вкупно планираните 216 лица за обука за различни видови на занимања, 183 невработени лица ја завршија обуката. Уште во текот на обуката 15 од нив се вработија, а по завршување на обуката се вработени уште осум лица‘‘.

Со преквалификација и дообука побрзо до работа

Преку Агенцијата за вработување во Велес годинава ваква обука имаше за пекари. Поголемиот дел од тие што беа на обука, веднаш по преквалификација си најдоа работа или отворија сопствен бизнис, велат од Агенцијата. Виктор Николовски е еден од нив:

„Јас си отворив сопствена пекара за леб и бели печива и сега успешно работам и обезбедувам егзистенција за моето семејство‘‘.

Работничките универзитети кои ги имаше околу 30 - тина во земјата во изминатите шеесетина години работеа на доквалификација на работната сила за потребите на пазарот. Поради тоа што во последните години беа препуштени на самофинансирање најголем дел од нив згаснаа, а сега се останати само десетина. Државата сепак реши да им помогне преку Законот за отворени граѓански универзитети за доживотно учење донесен во март минатата година. Со овој закон поголем дел од Работничките универзитети веќе се трансформираат во Отворени граѓански универзитети за доживотно учење. А што тоа значи ни појаснува Мане Колев, директор на Работничкиот универзитет „Кочо Рацин‘‘ од Скопје „тоа значи дека сега и на некој начин законски се регулирани надлежностите на овие образовни институции. И со овој закон се предвидува да бидат превземени од општините и градот Скопје, за да можат да имаат, прво поголема сигурност, второ да имаат многу поголема работа во смисла дека општините ќе ги организираат сите преквалификации и доквалификациии и сите активности поврзани со образованието на возрасните‘‘.

Polnisches Grenzdorf mit über 30 Friseursalons
Фотографија: picture-alliance/dpa

За напорите на државата за верификувани дипломи, за да се надмине хаосот со издавање дипломи од секого, Колев ни појаснува Работничките универзитети ќе издаваат само верификувани дипломи.

„Сега со новите законски прописи Министерството за образование преку Центарот за образование на возрасни треба да верификува програми. Значи и издавањето на тие сертификати ќе биде како дипломите во училиштата, стандардни дипломи. Нив ќе можат да ги издадат само оние институции кои ќе имаат верификувано таков програм.Со тоа ќе се надмине хаосот каков што е досега‘‘.

Во последните години велат обучувачите, најактуелни се обуките за пекари, фризери, козметичари.шминкери, масери и слично, со кои невработените и сами можат да си обезбедат сопствен бизнис.