1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските работници небезбедни

Антоанела Димитриевска27 март 2012

Закон за безбедност при работа усогласен со европските стандарди малкумина го почитуваат. Алармантна е состојбата во градежништвото каде што се случуваат поголем дел од несреќите

https://p.dw.com/p/14SeN
Фотографија: AP

Според последните податоци на Организацијата за заштита при работа во 2010. година во Македонија 44 работници загинале, а други 85 биле повредени на работното место. Сето ова го поставува прашањето колку македонскиот работник е заштитен на работа и колку вреди неговиот живот?

Во јули 2007 парламентот го усвои новиот Закон за безбедност и здравје при работа усогласен со европската легислатива, но работниците и понатаму работат под задолжителжните безбедносни мерки  на  заштита, предвидени со законот. Во Македонија има околу 4 илјади градежни фирми, а многу од нив, особено помалите не ги почитуваат прописите за безбедност при работа, вели Павел Трендафилов, претседател на Синдикатот за градежништво. Тој посочува  дека работодавачот треба да се грижи да го заштити работникот, посебно на градилиштата, каде состојбата е алармантна и каде ризикот по животот на работниците сеуште е многу голем, иако несреќи има и во рудниците и текстилната индустрија.

Законот не се почитува

Трендафилов потенцира дека синдикатот има генерален став оти оние работодавачи кои не го почитуваат законот и каде се случуваат повреди и смртни случаи треба еднаш да се предупредат, а после  да им се одземе работата, затоа што досега изречените мандатни казни се покажале како неефикасни.

Atomkraftwerk Neubau Bulgarien Belane
Во 2010. година загинале 44 работници во МакедонијаФотографија: picture-alliance/ dpa

„Едноставно ако се констатира дека работодавачот  не ги почитува одредбите од Законот за работни односи и Законот за безбедност и здравје при работа и се констатира дека има повреда и недај боже смртен случај, на таквите работодавачи коишто учествуваат во јавните договори, особено финансирани од државата дефинитивно да им се одземе работата и да не им се дозволи да работат. Едноставно  да не им се дозволи да учествуваат на јавни набавки и тендери‘‘.

Димитар Стојановски  од Организацијата на работодавачи на Македонија тврди дека работодавачите ги презеле сите неопходни мерки за заштита на работникот, иако и самиот констатира дека и понатаму за жал се случуваа несреќи на работниците посебно во градежништвото.

„Имено се направи  опис за работните места, посебно за ризикот и опасноста на секое работно место и се пристапи кон обезбедување на соодветна заштита и заштитни средства  за работниците. Така да мислам дека денес во Македонија безбедноста на работниците е многу поголема во однос на изминатиот период. Иако повремено слушаме дека на одредени ризични места, посебно во градежништвото, сеуште се случуваат за жал несреќни случаи‘‘.

Едукација на работниците

Баланс помеѓу сите страни засегнати во спроведувањето на Законот за безбедност и здравје веќе 36 –та  година се обидува да воспостави Здружението за заштита при работа од Битола кое е едно од двете вакви преостанати  од некогашните осумнаесет во земјава. Претседателот на здружението, Тодор Велјановски, потенцира дека целта им е обезбедување на нормални услови  за работа, зачувување на здравјето и животот на работниците, односно практична примена на Законот. Здружението, информира  Велјановски,  тоа го прави  преку семинари и други форми  за соработка меѓу работниците, работодавачите и инспекторите за труд. 

Autobahn Montenegro
Фотографија: DW

„Чекавме две до две ипол години да почне  нешто да се превзема околу овој закон, но речиси ни чекор напред не се отиде. И затоа ние како здружение  превзедовме акција да организираме едукативни семинари за работниците. Според законот, во претпријатијата работодавачите се должни да изберат претставници на работниците кои ќе ги штитат нивните права. Затоа е потребно тие мпретставници  добро да бидат информирани за да превземаат добри мерки  до работодавачите за спроведување на минималните барања и услови за заштита на работниците на работните места‘‘.