Македонските текстилци со намалени нарачки од Германија
19 јули 2012Македонија повеќе од пет децении важи за земја на текстилната индустрија, во која моментално работат над 40 илјади работници. Со распаѓање на некогашните текстилни гиганти се создадоа многу мали погони за текстил, кои главно (околу 70%) произведуваат и извезуваат за големиот германски пазар, а во помал обем и за Холандија, Белгија, Англија и за Италија.
Се создава негативна слика за текстилот во Македонија
Штипјанецот Венцо Филипов, по струка текстилен инженер, веќе 36 години е во оваа бранша. Кариерата ја започнува во штипскиот гигант „Македонка“, а од 1995 година е газда на сопствена фирма „ВИТ“ за перење конфекциски производи која подоцна станува конфекција, па моделара. Од 2007 има и втора фирма „Астоби Фешн Груп“, која го менаџира текстилот меѓу странските купувачи и македонските производители, а годишно обезбедува работа за 500 до 700 работници.
„Ние како „Астибо Фешн Груп“, како посредничка фирма, имаме работено од беби-програма до капути, во зависност од периодите“, потенцира Филипов и појаснува: „Европа се наоѓа во период на рецесија, така што нарачките опаѓаат, меѓутоа во историјата рецисии секогаш имало. Економијата на европските земји имала и добри и лоши периоди, моментално има лоши, но јас се надевам дека ќе се опорави.“
Филипов додава дека „поголем проблем е што оваа индустриска гранка која е втора по големина во Македонија нема иднина, затоа што се создава негативна слика за текстилот и никој не сака да оди да работи таму“. „Платите се такви какви што се, не од аспект на тоа што ние не сакаме поголеми плати, туку од сите околни работи што се случуваат со нас, од сите дополнителни работи, односно давачки кои под мотото влегување во ЕУ, се натоваруваат на текстилот“, вели тој.
Филипов оценува дека состојбата со неговата фирма е релативно задоволувачка, меѓутоа смета дека и државата мора да биде пофлексибилна кон нив и порачува: „Ние сме фирми кои го овозможуваме приливот на девизи. За жал, немаме никакви олеснувања, дури сме изложени и на секојдневни контроли. Јас не велам дека не треба да има контроли, казните, не само во текстилот, се многу големи и тие наместо да делуваат стимулативно, делуваат дестимулативно. Затоа што ако вие казните некоја компанија со 20 илјади евра, таа компанија е осудена на банкрот.“
Поради пониската цена дел од германските нарачки префрлени од Македонија во Албанија и други земји
Маријана Перковска, претседател на Текстилниот кластер, оценува дека со повторното враќање на кризата во Европа, годинава нарачките во текстилната индустрија од Македонија за Германија и други земји опаднаа за 20 до 30 проценти. „Многу од нашите членки сметаа дека тоа ќе биде краткотрајно и пролетните месеци ќе донесат подобрување, меѓутоа за жал тоа не се случи“, вели Перковска и посочува дека причина е што и дел од нарачките и нивните партнери од Германија се преселени во Албанија и други балкански земји кадешто има пониска цена. „Единствено решение е токму по пат на автоматизација да се обезбеди поголема продуктивност. Со самото тоа и нашите цени ќе бидат поконкурентни. Бидејќи во моментот, можеби не е намалувањето на потребите на германскиот пазар главен проблем, колку што се повисоките цени, коишто нашите фирми ги нудат за изработка на производите.“
Перковска е оптимист и потенцира дека кризата е моментална и дека текстилот сепак има перспектива. Со кризата во Европа се намалуваат порачките од балканските земји, но и од Кина.Таа оценува дека тие повторно ќе се враќаат на Балканот, кој според неа, наскоро ќе стане текстилен центар на Европа.