1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските тренери седат на климави столчиња

27 октомври 2010

По оставката на селекторот на машката ракометна репрезентација, Љупчо Савевски, дадена откако неколкумина ракометари условија со свое неиграње се‘ додека Савевски е селектор, во Македонија се дебатира на тема - тренери!

https://p.dw.com/p/Pond
Тренерските столчиња се празнат брзоФотографија: 2008 THONET GmbH

Љупчо Савевски за Дојче веле вака ја образложува својата оставка:

„Kлупски интереси, интереси на поединци кои се во управата на Металург, инволвираа група на репрезентативци, заедно со неколку медиуми и една ТВ-куќа, во една бескрупулозна борба да се дискредитира ликот на селекторот со лажни обвинувања кои се изнесоа во медиумите. Во прозивката за репрезентацијата, 5-6 репрезентативци од Металург одбија да тренираат со образложение дека не сакаат да тренираат се‘ додека сум јас селектор. Во една таква атмосфера јас пресеков и реков - ако сум јас пречка ќе поднесам оставк,а бидејќи интересите на репрезентацијата се во прв план.“

Ljupco Savevski
Љупчо СавевскиФотографија: DW

Реакциите во спортските кругови не изостанаа, особено околу начинот на кој Савевски си замина од селекторското место. Каков е статусот на тренерите во македонскиот спорт во моментов? Потценети ли се, колкава е нивната сигурност во работењето? Анкетиравме неколку познати спортски личности. Благоја Георгиевски, големото македонско кошаркарско име, позицијата на македонските тренери ја оценува како многу лабава:

Blagoja Georgievski
Благоја ГеоргиевскиФотографија: DW

„Во периодот кога јас бев играч и тренер, тренерите кои што работеа во клубовите на многу подолг временски период и така лесно можеа да го истакнат својот квалитет, и тие беа многу посигурни во својата работа. За разлика од денес, кога во клубовите е влезен приватниот капитал, нивниот статус е многу лабав, газдите на клубовите многу лесно после еден пораз носат одлука да се смени тренерот. Исто така, тие се мешаат во самата работа на тренерите, и тоа тренерите го плаќаат доста скапо.“

Таки Џиков, едно од најпознатите стручњаци во македонската одбојка е со слични размислувања - дека амбиентот во кој работат тренерите е значително отежнат:

Taki Dzikov
Таки ЏиковФотографија: DW

„Во денешно време да бидеш тренер, влегуваш да работиш во професија која нема сигурен статус, условите за работа се изменети на подобро, но со влагувањето на приватниот капитал во спортот луѓето кои ги даваат парите сакаат резултатите да дојдат експресно, преку ноќ, а тоа во спортот е неможно.“

Работа на куси патеки е заеднички именител и за фудбалската струка. Примерите на Алекс Фергусон, на Арсен Венгер во Англија со децениска служба во Манчестер Јунајтед и Арсенал, или пак, на еден Гус Хидинк со цели повеќегодишни мандати, во Македонија се незамисливи. После покус кризен резултатски период обично се подготвува отказната постапка. Дел од вината за таквата состојба ја имаат и самите тренери смета Драган Томовски, бидејќи, се‘ уште не стигнале до фазата и да менаџираат во клубовите и да ја водат стручната работа.

Dragan Tomovski
Драган ТомовскиФотографија: DW

„Ако зборуваме за тренерската фела на овие простори може да се констатира дека нивната позиција и статус се неадекватни во однос на она што се‘ треба како стручњаци да го извршуваат, и таа несигурност директно влијае на нивната работа и нивните резултати. Дел од вината за ваквиот статус на тренерите е во оние кои што ги назначуваат, пред се‘ во луѓето кои ги водат клубовите и федерациите. Дел од вината лежи и во тренерите. Иако во последно време постојат правила и прописи кои што ги штитат, сепак самите не вложуваат доволно во својата доедукација која ќе им обезбеди и поединечен и колективен подобар статус.“

Автор: Златко Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска