1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонските униформи - поевтини од азиските!

Силвера Падори-Кленке19 август 2012

Поради ниските производни трошоци, добриот квалитет, близината кон ЕУ и добрите услови за инвестирање, македонските конфекционери стануваат се’ поинтересни за германскиот пазар.

https://p.dw.com/p/15pWL
Фотографија: picture alliance / dpa

Во земјите од германското говорно подрачје (Германија, Австрија, Швајцарија) работна облека носи секој втор професионалец, почнувајќи од полицајците, преку војниците и медицинарите, до куварите и возачите во јавниот превоз. И голем дел од таа работна облека со етикетата „произведено во Европа“ се шие токму во Македонија.

„Македонија е многу значајен испорачател на различна работна облека за пазарите на земјите од германското говорно подрачје. Од Македонија се обезбедува висок квалитет на комплицираните кројки на униформите, палтата, панталоните и сл. Тоа е земја производител која нуди мошне позитивни рамковни услови за инвестиции кои се многу ценети од фирмите, но каде некои човекови права, пред се’ правото на плата која обезбедува сигурна егзистенција, не се запазени“, подвлекува Бетина Музиолек, кооридинтор на проектот за развој и на иницијативата „Саксонија купува фер“.

Увезена облека за 337 милиони евра

Дека македонските конфекциски претпријатија се важни за германскиот пазар низ бројки илустрира и Феликс Ебнер, раководител на секторот за надворешна трговија и меѓунареден пазар од Здружението на производителите и трговците на текстил и мода.

Mazedonien Land und Leute
Македонските производители привлекуват со ниската цена и добриот квалитет.Фотографија: Petr Stojanovski

„Минатата година во Германија од Македонија е увезена произведена облека во вредност до 337 милиони евра. Во спротивната насока, пак, отишле производи во вредност од околу 10 милиони евра“, вели за ДВ Феликс Ебнер. Според него конфекционирањето, склопувањето на сите делови, е последната алка во производниот синџир која е исклучиво трудоинтензивна. Со оглед што надоместокот за работна сила е низок, Македонија станува се’ поатрактивна, дури и од Азија, зашто е во Европа, па транспортните трошоци околу врзаното лон производство се исто помали.

Позитивни прогнози за текстилната индустрија

Се интересираат ли германските инвеститори за градба на текстилни капацитети во Македонија?

Textilarbeiterinnen in China
Азија се’ поскапа и помалку привлечна!Фотографија: picture-alliance/dpa

„Во секој случај да, но не само во Македонија, туку генерално Европа станува се’ поинтересна. Факторот Азија е влошен, зашто тамошното производството поскапува. Се’ позначајна е т.н. „пан-еуро-мед зона“ (ЕУ, ЕФТА ,земјите од Западниот Балкан, Турција и Северна Африка) каде функционираат билатерланите трговски договори, што значи заштеди во царините, кои носат поевтино производство“,  подвлекува Феликс Ебнер, кој и’ прогнозира позитивен развој на македонската текстилна индустрија, чие мислење го дели и Бетина Музиолек.

„Поради позитивното од Македонија многу фирми-стратегисти навистина стратегиски одлучиле наредните години таму да шијат. Значи, не станува збор за намалување, туку за зголемување на производството во Македонија. Предностите ги носат географската близина, многу добрата квалификација на шивачките, културната блискост (многумина говорат англиски или германски),
изградената инфраструктура и ниските давачки за работната сила, кои се помали дури и од Кина и Бангладеш“, подвлекува за ДВ Бетина Музиолек, која заедно со иницијативата „Чиста облека“ се залага за подобри работни услови на производителите на облека во Македонија, но и ширум светот.