1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонски голмански бисер

28 ноември 2011

Столе Димитриевски има само 17 години, а веќе е прв голман на Работнички од Скопје и најмлад стандарден првотимец во Македонската лига. Набрзо го очекува и заминување во Италија.

https://p.dw.com/p/13IF4
Го очекува голема иднина на „фудбалското небо“: голманот Столе ДимитриевскиФотографија: DW

Ретки се голманите, кои толку рано ја добиваат шансата да застанат на голот на еден прволигаш. Столе Димитриевски има едноставно објаснување за ваквиот успех.

„Потребна е поддршка од стручниот штаб за да можеш да го дадеш ги покажеш своите голмански квалитети. Јас ја добив таа поддршка, ги исполнував дадените задачи и ја оправдав довербата. Тоа е тајната за мојот успех!“

Блесок во Лигата на Европа

Блесна летото на голот на Работнички во натпреварите од Лигата на Европа. Висок, стамен, со одличен рефлекс,понесен од предизвикот бриљираше, особено против силните напаѓачи на Анортозис и Лацио.

Fußballspiel FC Liverpool gegen FC Rabotnicki
Работнички му беше отскочна штица: дуел од натпреварот Работнички-ЛиверпулФотографија: MIA

„Играњето во Европа е предизвик. Таму желбата за докужавње е далеку поголема. Вложивме максимални напори, играњето во Лигата на Европа многу не истроши, но успеавме да постигнеме добри резултати.“

Столе Димитриевски, роден Кумановчанец, од мали нозе покрај татко си го засакува фудбалот, но голман станува случајно.

„Почнав како играч во пионерската школа на Куманово. Во еден момент немаше голман, па тренерот праша кој сака да брани. Се пријавив, застанав на голот и така станав голман. Сакало така да биде!“

Потпис за Удинезе

Талентот на Димитриевски не можеше да остане незабележан. Работнички ширум му ја отвори вратата за влез во фудбалскиот свет. Тој многу брзо стана цел на „големите“. Меѓу понудите од Лацио и Удинезе го одбра Удинезе. Вели имал драгоцен советник при изборот.

Champions League FC Bayern Inter Mailand Goran Pandev
Препорака од професионалецот со поголемо искуство Горан ПандевФотографија: dapd

„Го консултирав Горан Пандев и тој вака ме посоветува: „ако во Лацио станеш прв голман истовремено ќе станеш крал на Рим. А, Удинезе е клуб во кој младите полесно добиваат шанса“. Тоа беше причината што јас го одбрав Удинезе. Во работнички многу млад добив шанса, се надевам дека наскоро ќе ја добијам и во Удинезе.

Таму во моментов прв голман е Хандановиќ?

„Да, тој е сега прв голман, многу квалитетен, од европска класа. Но, може да се случи многу брзо тој да направи трнасфер во друг клуб, што ќе ми овозможи да се изборам за место во првиот тим.“

Останува врската со Македонија

Во меѓувреме врската со македонскиот фудбал ќе биде преку дресот на младата репрезентација на Македонија.

Torjubel Edwin van der Sar Niederlande gegen Italien Europameisterschaft EM 2008
Голем идол: голманот на Холандија, Едвин Фан Дер СарФотографија: Reuters/ Michael Kooren

„Сега сум на голот на репрезентацијата на Македонија до 19 години. Јас сум капитен на оваа селекција. Во тек е квалификациониот циклус за ЕП, а ќе имам право за оваа репрезентација да бранам и во наредните квалификации. Се надевам дека селекторот ќе биде задоволен од моите одбрани и дека набрзо ќе застанам на голот и на младата репрезентација на Македонија до 21 година.“

Столе Димитриевски ги привршува обврските во Средното фискултурно училиште. Го подготвува возачкиот испит, а учи и италијански. Со нестрпливост ги брои деновите до патот во Удине, мечтае за голманскиот дрес на Удинезе, на најдобрата македонска репрезентација и за кариера, која би потсетувала на кариерите на неговите голмански идоли Едвин Фан Дер Сар и Икер Касиљас.

Автор: Златко Калински

Редактор: Горан Чутаноски