1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонски „културен огномет“ во Нормандија

3 април 2010

За време на шестото издание на „Балканската пролет“, од 31 март до 28 мај, што се одржува во францускиот регион Нормандија, Французите ќе можат да се почувствуваат како да се во Македонија.

https://p.dw.com/p/Mlyk
Есма Реџепова ја отвори балканската пролет во НормандијаФотографија: z.V.g. Redzepova

Културниот „македонски огномет“ започна со концертот на Есма Реџепова, една од најпознатите македонски уметници во Франција. Двата концерти на Есма и нејзиното присуство на прикажувањето на документарниот филм „Џипси Караван“, по кој следуваше дебатата за Ромската култура, посочија на вкусот на вистинската „културна македонска салата“ во која ќе уживаат жителите на Нормандија во наредните два месеци.


Каква е Македонија денес


„ Ова е прво издание целосно посветено на Македонија, иако во 2009, ја претставивме преамбулата од годинашново Шесто издание“, вели за Дојче Веле, Лоран Поаре уметничкиот и административниот директор на „Балкан транзит“ - асоцијацијата која ја организира „Балканската пролет“. Целта на манифестацијата е да дозволи подобро меѓусебно запознавање со народите кои живеат на Балканот и нивните култури, нагласува Поаре.
На „Балканската пролет 2010“ програмирани се околу 100 културни манифестации низ скоро сите делови на Нормандија.
„ Имаме програма која ни дозволува да се стекнеме со претставата она што е Македонија денес, преку различни аспекти од традиционалните до современите. Така, поканивме да дојде еден женски хор со репертоар на народни и религиозни песни, тука сме на полето на културното духовно нематеријално наследство.


Сеопфатна презентација на македонската уметност

Kirche Heiliger Johannes in Kaneo, Ohrid See, Mazedonien
Французите ќе се запознаат со модерната уметност но и културните богатства на МакедонијаФотографија: picture-alliance/ dpa


Со претставувањето на „ Бернејс Пропаганда“, „Фолтин“ или „Љубојна“ веќе се наоѓаме во друг регистар. Нови музички композиции, но мислам дека некои од нив како „Фолтин “ и „Љубојна“ имаат контакт со животот и руралната или урбаната култура. Се разбира, не можеме да ги имаме на програмата сите уметници, но уметниците кои ќе бидат претставени на „ Балканската пролет“, даваат на крајот многу убава слика за Македонија пред француската публика.“
Покрај уметниците кои ги спомена Лоран Поаре, во Нормандија, Македонија ќе биде претставена и преку изложбата на фотографии за браќата Манаки фотографиите на Ѓорче Ставревски направени во Скопје и Охрид меѓу 2005 и 2008 година, форографиите на Виктор Соколовски на тема „Нова дух на старата душа“, како и изложбите на Роберт Јанкулоски, Станимир Неделковски или таа на Анастасиа Ортензио насловена „Прошетка низ Битола“, монтажата на фотографии на Милчо Манчевски итн . Исто како и изложбата на ликовната учетничка Сузана Пејовска родена во Македонија на брегот од Охридското езеро и која од тригодишна возраст живее и твори во Франција.


Отворање на Нормандија кон Македонија


Во наредните два месеци се предвидени и бројни литературни средби на македонски еминентни писатели со нивни колеги од Нормандија и од другите балкански земји, претставување на Струшките вечери на поезијата, прикажување на повеќе македонски документарни и играни филмови, дел од македонската гастрономија итн. Навистина е тешко да се набројат сите учесници и сите манифестации, кои не ќе беа можни ако не постоеше децентрализираната соработка меѓу регионот Долна Нормандија и Република Македонија.
„Ова дозволува да се создаде еден вид на огномет за сите акции водени од граѓаните на Нормандија и Македонија во изминатите три години.“ Истовремено, според Поаре, тоа ќе создаде прекрасен зум за се она што се случуваше на теренот, бидејќи соработката е пред се’ работа на теренот, но не е секогаш видлива од и за сите. Со оглед дека станува збор за проекти финансирани од јавни проекти, граѓаните од Нормандија, според него ќе можат да видат на што се потрошени нивните пари и истовремено „Балканската пролет“ ќе им послужи да се отворат кон светот, во случајов Македонија.

Автор: Тони Гламчевски
Редактор: Симе Недевски