1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонски потпис во „Реликвиите на империјалистичката прашина“

12 мај 2009

Во берлинската галерија „Березнитцки”, во тек е изложбата “Реликвии на империјалистичката прашина”, на која меѓу 70 уметници од светот, со видеото “Правдата во фокусот”, се претставува и Сашо Станојковиќ.

https://p.dw.com/p/HlTN
Железничката станица во Берлин наспроти која е галеријата „Березнитцки“Фотографија: AP

Големата хала наспроти железничката станица во Берлин, деновиве, наликува на катче од некој друг свет. Без ред растурени автомобилски гуми во кои се посадени цвеќиња, колажи во голем формат, инсталации, фотографии, видеа, ги претставуваат животната средина, социјалните и финансиските системи кои во ова наше време доживуваат вистински ломови. Потписот го оставија уметници од Лондон и Париз, преку Њујорк и Австралија. Тие индивидуално ја коментираат денешницата, минатото и иднината. Меѓу нив е и „ Правдата во фокусот” на македонскиот уметник Сашо Станојковиќ кој за инспирацијата и креацијата кажува: “Проектот произлезе од тримесечниот престој во Вашингтон, во 2004 година, каде што секојдневно ги надледував и форографирав луѓето пред Врховниот суд на правдата, една огромна зграда на Капитиол хил, меѓу Конгресната библиотека и Конгресот на САД, простор меѓу науката и политиката.”

Supreme Court in Washington
Зградата на Врховниот суд во Вашингтон пред која фотографирал СтанојковиќФотографија: AP

Пред публиката, на екран, се прикажуваат фотографии во боја на кои пред објективот позираат најразлични луѓе: млади, стари, убави, грди, дебели, слаби, дотерани или лежерни. Сите се фотографираат на или пред импресивни скали врз кои се надвиснуваат огромни столбови.

Правдата во фокусот

“Интересен ми се виде односот на луѓето спрема Врховниот суд. Станав сведок на обидите да се фотографираат со написот “Еднаква правда според законот”. А знаете како е со апаратите. Ако го фокусирате ликот, нема да се чита написот и обратно. Така ме привлече овој парадокс со кој се соочуваа луѓето и направив 500 фотографии од кои во Берлин се 150”, дополнува Станојковиќ, кој на прашањето - зошто не пристигна на отворањето на изложбата во Берлин, одговара: “Не дојдов во Берлин оти има проблем со визите. Треба специјална покана, треба дозволи... Во Љубљана ќе одам зашто ќе ми испратат официјална покана. За уметниците визите се бесплатни, но потребни се документи заверени кај нотар. И тогаш ќе ви дадат виза...ако ви дадат ”, вели Сашо Станојковиќ кој наредниот месец во Љубљана има самостојна изложба со коплетните пет сегменти од делото „Правдата во фокусот”.

Автор: Силвера Падори

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска