1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонски ракотворби на најпознатиот германски божиќен панаѓур

28 ноември 2011

Македонски рачни изработки се продаваат на нирнбершкиот божиќен панаѓур. Од отворањето на 25 ноември, Германците од македонската понуда најголем интерес покажуваат за капите, ракавиците изработени од волна и топлинките.

https://p.dw.com/p/13IFI
Македонскиот штанд на Нирнбершкиот божикен саемФотографија: DW

Татијана Фрковиќ од здружението на занаетчии „Мата“ од Скопје до 24-ти декември секој ден од утро до вечер со својата асистентка ги продава производите со традиционални везови од Македонија, како чаршафчиња, маркери за книги со мал опинок на едниот крај или, пак, традиционалните черги.

Таа за Дојче веле објаснува дека Германците ги ценат природните материјали и рачната изработка. „Посебно ја ценат волната, а ние можеме тоа да го понудиме“, вели Фрковиќ. Производите се рачно работени во Гевгелија, Велес и Скопје.

Gesprächspartner vom Weihnachtsmarkt in Nürnberg
Татијана Фрковиќ пред македонскиот штандФотографија: DW

„Овде се претставуваме со традиционални македонски ракотворби, главно рачно плетени работи од волна, традиционални везови, топлинки од вистинско јагнешко крзно, ’бук маркери’. Главно тоа се ракотворби“, објаснува Татијана Фрковиќ, која има искуство со германските муштерии и од претходните години.

Најголем дел Германци знаат за Македонија

Според неа, повеќето Германци знаат за земјата од која доаѓаат овие производи.

„Главно се повеќе информирани за проблемот со Грција и реагираат на Скопје, Македонија. Некогаш прашуваат: ’дали имате свој јазик’. Некои се чудат каде е тоа, но повеќето знаат каде се наоѓа Македонија“, вели Фрковиќ.

Секоја година Здружението на занаетчии одредува кој ќе го претставува Скопје на Божиќниот панаѓур во Нирнберг. Македонскиот штанд се наоѓа во делот за збратимените градови. Панаѓурот има и два други дела – традиционален и дел посветен на децата. Нирнбершкиот божиќен панаѓур е најпознат во Германија. Се очекува да го посетат два милиони луѓе од целиот свет и да купат по нешто од 180-те дрвени куќарки. Освен греаното вино и пунчот, треба да се пробаат и традиционалните сплоснати колачиња „Нирнбергер лебкухен“ и овошниот леб. На панаѓурот го има и најголемиот котел на светот, во кој се вари вино.

Домаќините нервозни, туристите задоволни

Gesprächspartner vom Weihnachtsmarkt in Nürnberg
Маркерите за книги се со македонски вез и мал опинок на едниот крајФотографија: DW
Gesprächspartner vom Weihnachtsmarkt in Nürnberg
Сандра ФилиповскиФотографија: DW

Сандра Филиповски е со мешано германско-македонско-српско потекло и живее во Нирнберг. Не и’ се допаѓа што секој ден има метеж во градот и доаѓаат нови и нови туристи.

„Всушност, ми се допаѓа многу со пријателите да пијам греано вино или ракија, но понекогаш ме нервира масата луѓе, бидејќи е тешко кога некој не сака да оди на Божиќниот панаѓур, туку едноставно само во градот, а сепак таму има многу луѓе. Тешко е каде било да се дојде и сето тоа носи малку нервоза“, вели Сандра Филиповски.

На Немања Ѓорѓевиќ од Србија посебно му се допаѓа делот со штандовите од збратимените градови со Нирнберг.


„Првите впечатоци се многу позитивни. Ми се допаѓа градот. Прв пат сум овде. Посебно ми се допаѓа овој посебен дел, во кој различни излагачи од различни земји ги изложуваат своите производи. Меѓу останатите и Македонија и Црна Гора. И, секако, морате да ја пробате црногорската ракија“, порачува Ѓорѓевиќ, кој заклучува дека во градот има „малку повеќе луѓе, малку поголема гужва и веројатно малку повеќе забава“.

Gesprächspartner vom Weihnachtsmarkt in Nürnberg
Немања ЃорѓевиќФотографија: DW

Автор: Александар Методијев

Редактор: Горан Чутаноски