1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Македонски студен мир“

18 август 2011

Весникот „НЦЦ“ врти поглед кон одбележувањето на годишнината од Рамковниот договор од Охрид. Чешкиот политичар Карл Шварценберг за весникот „Ди Пресе“ пак го повторува ставот дека Балканот треба да стане дел од ЕУ.

https://p.dw.com/p/12Ise
Фотографија: picture-alliance/dpa

Текстот под наслов „Македонски студен мир“ во весникот „Ноје цирхер цајтунг“ денеска се осврнува на неодамнешното одбележување на десетгодишнината од Охридскиот рамковен договор, за која весникот констатира дека белег и дале како политичарите кои присуствувале, така и оние кои биле отсутни.

„Освен француските и американските посредници, кои заслужено наздравија на успехот, се чини дека само еден вистински се радува: поранешниот водач на бунтовниците Али Ахмети. Нему, зачетникот на кризата, Договорот му отвори кариера, која го претвори во најугледниот политичар, меѓу албанското население“, пишува „Ноје цирхер цајтунг“ и продолжува:

„Оттогаш владее прилично студен мир меѓу различнтие групи народи. Сепак, поделбата на власта меѓу политичките елити функционира. Постојани блокади, какви што познаваме во Босна, во Македонија нема. Лицето, меѓутоа кое стекна најмногу заслуги за Охридскиот договор, денес е заборавено: тогашниот претседател Борис Трајковски, од многумина исмеван дека нема политичка тежина, во часот кога демнеше опасноста израсна во државник, кој гледа надалеку. Тој даде одлучувачки придонес за спас на земјата, пред да го загуби животот во авионска несреќа. Додека владата во Скопје како во занес во моментов поставува дузини споменици на антички херои и борци против турското ропство, залудно се бара портрет од Трајковски. И како тоа да не е доволно. На прашање, каде би можел да се види оригиналот на Охридскиот рамковен договор, кабинетот на претседателот соопшти дека Договорот за жал не може да се пронајде.“

Чешкиот политичар Карел Шварценберг во интервју за австрискиот весник „Ди пресе“ констатира дека „без ЕУ, Балканот ќе стане темпирана бомба“.

На прашањето „дали Чешка ќе го поттикнува проширувањето на ЕУ кон исток и по Хрватска наскоро ќе ја интегрира и Украина? “ Шварценберг одговора: „По Хрватска мораме прво да го примиме западниот Балкан во ЕУ. Се’ додека не го сториме тоа, ревносно негуваме темпирана бомба директно покрај нас. Балканот никогаш нема да се смири, ако конечно не успееме да го минимизираме значењето на границите. Тоа е можно само во ЕУ. Освен тоа со тамошната невработеност и до 60 проценти создаваме само социјални немири.“

„Значи Србија и дури и Албанија пред Украина?“, прашува „Ди Пресе“ „За нас Молдавија и Украина се на второ место. Во тоа се разликува нашето стојалиште од полското претседателство со ЕУ. Разговорите со Украина меѓутоа течат сосема добро, а Молдавија презема енормни напори за спроведување реформи. Сето тоа ќе трае уште неколку години. Но, ќе успее интеграцијата во ЕУ“, подвлекува Шварценберг.

„Денес ЕУ има помалку проблеми на истокот, отколку што има на југот. Освен кризата со еврото, постои ли криза и со доселувањето?“ На ова прашање на весникот, чешкиот политичар одговара: „Силната имиграција им помага на партиите, кои стриктно се против тоа, на пример во Холандија, Австрија или Финска. Овој проблем може да се реши само со разјаснување. Мигрантите мора да бидат вистински и свесно интегрирани. И обратно домашното население мора да биде воспитано на толеранција.“

„По неколкугодишно искуство како член, дали ЕУ е нешто што треба да се посакува?“ прашува „Ди Пресе“ - „ Тоа е како со демократијата, за која Черчил рекол, таа е најстрашна од сите форми на владеење - со исклучок на сите други. Исланѓаните и Швајцарците се уште може да одлучуваат, за многу посиромашната Чешка сите патишта водеа кон ЕУ“, вели Карл Шварценберг за австрискиот весник.

Автор: Ноје цирхер цајтунг/ Ди Пресе

Превод: Александра Трајковска

Редактор: Симе Недевски