1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонското мултиетничко општество се’ уште проткаено со противречности

12 август 2011

Една деценија по склучувањето на Охридскиот рамковен договор младите во Старата скопска чаршија се идентификуваат како „скопјани“. Меѓутоа соживотот не секогаш дава идилична слика.

https://p.dw.com/p/12FkG

Пред триесет години култно место за скопјани, а пред само една деценија, за време на воениот конфликт и по него, комплетно бојкотирана и излоирана, од безбедносни и националистички причини. Но, во овие летни денови на 2011-та се случува вистинска ренесанса на Старата скопска чаршија. Денес чаршијата е обновена со сиот сјај и таму има врвулица од млади луѓе, домашни и странски туристи, микс од модерна и ориентална музика. Кафулињата се полни.

Old-Town von Skopje Flash-Galerie
Старата скопска чаршијаФотографија: DW/Tosev

„Секако дека сме задоволни, зошто да не“, вели еден Македонец. Го дополнува неговиот пријател Албанец: „Многу сме задоволни. Муабетиме за се' и сешто, а најмногу за девојки“. Дали се среќни? „Не сме толку многу среќни. Младите се без работа и без ништо. Тоа не интересира најмногу“, објаснува Албанецот.

Кога ги прашавме овие млади луѓе кои се?, урбано се самоидентификуваа - „ ние сме скопјани“. Тие седеа на иста маса, пиеја ист пијалок, разговараа за љубовта и вработувањето.

Неволност да се учи јазикот на соседот

Но, идиличната слика за заедништвото брзо ја демаскираат податоците. И по една деценија од Охридското примирје и Рамковниот договор само еден насто од младите основци Македонци се подготвени факултативно да го изучуваат албанскиот јазик, но ист е отпорот и кај родителите на младите Албанчиња ,кои се побунија поради обврската од прво одделение да се изучува официјалниот, македонски јазик.

Staatliche Universität zu Tetovo
Универзитетот во ТетовоФотографија: DW/Toevski

Затоа, привремено е замрзнат проектот на ОБСЕ и македонската влада за паралелно изучување на јазикот на соседот. Ни требаат програма и нова филозофија за мултикултурализмот што ќе интегрира, што нема да гради паралелни светови и вредности, резимираат истражувањата на Центарот за граѓанско разбирање, чиј раководител е Виолета Петровска, универзитетски професор – педагог.

„Под мултикултура во современи услови не подразбираме само да живеат едни покрај други, туку различните култури и заедници да живеат едни со други. Продолжува една тенденција на обележување на терен, на просторната поделба што ја правиме, не само во главите на луѓето, туку де факто на просторот, затоа што сега на еден дел се подигаат македонски споменици, на другиот ќе градат Албанците“, вели професорката Виолета Петровска.

Етничките вработувања се претворија во партиски

Tetovo, Mazedonien
ТетовоФотографија: Petar Stojanovski

Денешното македонско мултиетничко општество и натаму е проткаено со противречности. Во последнава, пострамковна декада дипломирале најмалку десетина илјади Албанци на неколкуте приватни, но и на државениот универзитет, каде што се студира на мајчинот јазик. Во јавниот сектор и администрацијата, наспроти вработените скромни 2 насто во почетокот на самостојна Македонија, сега има најмалку 14 до 16 насто од најголемата етничка заедница.

Но, приемот не е според образованието и професионалните критериуми, туку според партиски клучеви, каде прироритет имаат екс-припадниците на ОНА или нивните роднини. Во пребукираната админитрација Албанците и не одат на работа, немаат ниту работни бироа, а неразвиената економија не може да го издржи просечно најбројниот админситартивен апарат во една држава од Европа.

Пратениците и министрите Албанци во парлементот говорат на својот мајчин јазик. Со последните законски решенија е дозволено нивното национално знаме да се истакнува паралелно со државното, но на особено за Македонците важниот празник Илинден, во најалбанскиот град Тетово, „заборавиле“ да го истакнат македонското знаме.

Политичарите разгоруваат нетрпеливост

Vardar Fluss im Zentrum von Skopje, Mazedonien
СкопјеФотографија: Petar Stojanovski

Без него не се може, но со неговата имплементација често се разгоруваат политичките и етнички страсти – од формирањето на општинските граници и стартуваната децентрализацијата пред седум години, до последното заседание на новиот парламентарен состав, кога се спореше околу обемот на официјална примена на албанскиот јазик.

Говорот на возрасните е мотивирачки за растечката омраза и навредите на стадионите, или, пак, за крвавите пресметки меѓу клупските симпатизери или во кругот на училиштата, вели аналитичарот Сафет Балажи. „Немаме некаков однос на почитување едни со други. Мора некогаш да се работи и на зближување на аедниците. Не се гаи тој однос кон другиот“, вели Балажи.

Традиционалната поделба на патриоти и предавници сега нема меѓуетнички супстрат. Така, меѓу себе под еднакво се делат Македонците и Албанците, внатре, во своите етнички средини.

Историјата не се поправа

Вицепремиерот, Муса Џафери, задолжен за спроведувањето на Рамковниот договор оценува дека Охридскиот договор ја постигна целта, го врати мирот, отвора можност сите да учествуваат во креирањето на политичкиот и општествениот живот, а во Уставот има амандмани со кои не се дозволува дискриминација на етничките заедници. Прашан зошто албанските претставници од власта и по десет години не одат на одбележувањата на настаните на Карпалак и Љуботен, тој рече дека не е толку лесно тие рани да се залечат, но смета оти претставниците на политички партии и на институции сега имаат поголема храброст да се соочат со тие случувања.

Musa Dzaferi Vize Premierminister Mazedonien
Вицепремиерот Муса ЏафериФотографија: Sveto Toevski

„Мислам дека од двете страни има храброст да се даде почит на тие историски моменти. Во таква ситуација, сите сме свесни дека од оваа гледна точка имаме поинакво мислење, но тоа не може да се поправи. Историјата не можеме да ја поправиме, можеме да ја поправиме само иднината и да извлечеме позитивни пораки во пресрет на 10-годишнината од потпишувањето на тој мировен договор“, заклучува вицепремиерот за спроведување на Рамковниот договор, Муса Џафери.

Автор: Александар Чомовски/ миа

Редактор: Александра Трајковска