1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонското потекло влијае врз она што го пишувам

23 октомври 2010

Жилбер Каревски е француски писател со македонски корени. Тој успешно издава книги и раскази и освојува награди во Франција за неговите дела, за кои како што вели, во голем дел произлегуваат од неговото потекло.

https://p.dw.com/p/Pfgj
Жилбер Каревски, француски писател со македонски корениФотографија: Karevski Zilber

Неодамна во Франција во издание на „Нуи Бланш“ излезе од печат вториот роман на Жилбер Каревски, насловен „Усташи“, заедно со збирките на раскази ова е неговата петта објавена книга. Во 2000 година, тој ја освојува меѓународната литературна награда Жан-Лебон во Белгија за неговиот прв роман „Ла Сурс" во превод „Извор" или „Корени“. Каревски е млад француски писател со македонски корени. Неговото македонско потекло, како што и самиот вели, влијае многу врз она што тој го пишува. По професија тој е дипломиран професор по физика и хемија, а се стекнал и со диплома по образовни и воспитни науки и со магистерски труд од областа на социологијата. Атипичен млад човек, како многу во Франција. Неговите родители се од битолскиот крај на Македонија, а сега живее и работи во Лонгви, на североистокот од Франција на тромеѓето со Луксембург и Белгија.

Разговорот со Жилбер Каревски го водевме на Саемот на книгата во Нанси, втор по значење во Франција по тој во Париз, каде Жилбер Каревски ги потпишуваше неговите книги. За тие кои не го познаваат, самиот се претставува вака:

Каревски: „Роден сум во Франција, моите родители стигнале во Франција во шеесет и осма година, јас сум тука роден, тука работам, живеам и тука сум женет со Французинка. Мојата вистинска професија е професор по физика и хемија, тоа нема никаква врска со литературата, ама човек може да биде и нешто друго.“

ДВ: Од каде ги црпите вашите инспирации?

Каревски: „Од каде? Зависи. Од мојата лична животна приказна, од историјата, македонска или југословенска историја и од настани кои со случуваат овде.“

Zilber Karevski
Каревски на средбата со читателите на неговите дела во НансиФотографија: Karevski Zilber

ДВ: Вие веќе имате издадено повеќе романи, првиот е „Сурс“ на македонски може да се преведе како „Извор“ или „Корени“, вториот е „Усташи“, за што станува збор во вашиот прв роман?

Каревски: „Во него се раскажува за личност на возраст од околу триесетитина години, до некаде тоа е автобиографски, ако се погледа подлабоко во самата личност на романот. На оваа личност и‘ се случува страшна драма, за да преживее се одлучува да ја напушти Франција и да се врати во земјата од која потекнува, но која не ја познава многу. Таа земја е Македонија. Во романот го следиме во текот на целото негово патување кое го носи до Македонија. Паралелно, неговиот татко му има снимено касети во кои му ја раскажува Македонија, таква каква што тој ја познава. Македонија на неговиот дедо во времето на Илинденското востание од 1903, потоа на неговиот татко кој е комунист за време на ослободувањето и по ослободувањето, па и самиот тој кој мигрира во странство, поточно во Франција. Сите овие мали приказни ни прикажуваат една панорама на Македонија во период од скоро еден век“.

ДВ: Во вашиот втор роман „Усташи“ темата е многу „потемна“, тоа е полициски, „црн“ роман, можете ли да ни кажете неколку елементи од тој роман?

Каревски: „Дејството на романот се случува во Нанси. Еден професор по историја е пронајден убиен во неговата училница и се води истрага. Полициската истрага понатаму не‘ носи на Балканот. Кога започнав да размислувам за романот, тоа беше за време на војната во Југославија. Тогаш се зборуваше дека усташите се вратиле и срцето ме носеше да напишам нешто за тоа, оти кога зборував со друштвото, никој не знаеше кои беа тие усташите.“

Иако никогаш не живеел во Македонија, ја посетува при летните одмори, македонското потекло влијае многу врз она што го пишува Жилбер Каревски. Како што и самиот вели, тој не се чувствува ниту како Французин, ниту пак како Македонец. Многу повеќе се чувствува како човек. Тој нема само една, единствена татковина, тој ги има корените од кои потекнува. Не зборува секогаш позитивно за нив, понекогаш и ги критикува, но од неговите корени и потекло не се откажува.

Текстовите на Жилбер Каревски се вистински „бомби“ кои при експлозијата предизвикуваат серија на размислувања кај читателите. Во последниот роман, исто како и во расказите, тема се денешните проблеми на општеството: невработеноста, социјалното насилство, расизмот, неофашизмот, при што се ставени на сцена личности кои се соочуваат со тоа насилство. На тоа насилство и тие одговараат со насилство. Лично, како што ни вели Каревски, тој не е приврзаник на насилството, но насилството кое го имаме сите ние во себе, тој го изразува преку неговите текстови. Затоа тие се толку многу "црни", но истовремено и „црвени“.

Автор: Тони Гламчевски

Редактор: Жана Ацеска