1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците во Германија - малку, но добро интегрирани

Елизабета Милошевска Фиданоска11 октомври 2012

Македонците во Германија се мала мигрантска група. Новите генерации доселеници се гледаат себеси како дел од германското општество. Прашањето на интеграција веќе не се поставува.

https://p.dw.com/p/15zLt

Магдалена Пешева била најдобар студент на својот факултет, но по студиите не останала во Македонија. „Германија нуди многу повеќе можности за еден градежен инженер како мене“, вели Магдалена. По еден меѓународен натпревар во Дрезден и првите контакти со колегите од Техничкиот универзитет од овој град, цврсто решила своите студии на повисоко ниво да ги продолжи во Германија. Нејзината цел гласела - да се научи јазикот што побрзо. За тоа да го постигне, една година живеела како бебиситер во германско семејство, истовремено посетувајќи интензивни курсеви по германски јазик. Со дипломата за познавање на јазикот в џеб, 27-годишната Магдалена се вратила во Македонија и веднаш нашла вработување, затоа што во земјата има потреба од такви кадри. Сепак, паралелно и натаму барала можност да се врати на дообразување во Германија. Добила стипендија на Источниот одбор на германската економија, собирала искуства во голема градежна фирма во Нирнберг и толку добро се покажала, што по само неколку месеци добила временски неограничен договор за работа во истата фирма. Но, таа не застанува тука. Магдалена продолжува да се информира за можностите за натамошно образување и надградба.

Magdalena Peseva Europoles GmbH & Co. KG
Магдалена Пешева, дипломиран инженерФотографија: privat

Потрага по среќа

Магдалена не е исклучок, туку повеќе потврда на правилото. Многу млади Македонци во потрагата по подобар живот, со повеќе перспективи и без финансиски грижи, заминуваат во насока на Германија. За разлика од генерациите гастарбајтери кои во Германија се доселиле во 1960-тите и 1970-тите години и кои биле главно занаетчии, модерните доселеници се добро образовани. Сузана Хофман, соработник во Одделот за миграција во Штутгарт, потврдува: „Новите доселеници од Македонија во последните десет години се повеќе образовани луѓе. Тие говорат повеќе јазици и се интегрираат брзо.“ Ако се направи споредба на првата генерација Македонци која во Германија живее четири децении и новата генерација мигранти, тогаш се доаѓа до заклучок дека „во социјалното однесување има разлики“, нагласува Хофман. „Додека првата генерација негуваше главно контакти со луѓето од поранешните југословенски републики, кај втората генерација тоа не е случај. Втората генерација е дел од социо-културниот идентитет на нашата комуна и ова е нејзин дом.“

За науката - несигнификантни

Во покраините Баден Виртемберг и Северна Рајна Вестфалија живее половината од вкупно 67.147 Македонци во Германија. Македонците се мала мигрантска група, за науката несигнификантни. За нив не може да се најдат информации надвор од она со што располага Сојузниот завод за статистика (Дестатис). Д-р Гунтер Брикнер од Сојузниот завод за статистика нагласува дека за Македонците има само информации кои ги проследуваат општините кога лицата се доселуваат во земјата, односно пол, брачна состојба, старост, ден на влез во Германија, должина на престој, информација дали лицето е родено во странство или како Македонец во Германија, како и типот на визата за престој. „Информациите во Централниот регистер за странци се основните информации со кои се располага за лицата кои престојуваат и живеат во Германија, значи немаме информации ниту за степенот на образование, ниту за тоа дали некој работи или е невработен и ако работи - каде е вработен и колку пари заработува? Вакви информации можеме да екстрахираме од други извори, кои за жал за Македонците посебно ги нема, туку има информации само за поширокиот простор на поранешна Југославија.“

Mazedonien Reisepass
Во Германија има малку граѓани со македонски пасошФотографија: DW

Во последните две децении, откако Македонија е независна, бројот на Македонците во Германија, статистички погледнато, е драматично зголемен - од 2.623 во 1993. на 67.147 во 2011. година. Тоа е разбирливо, зашто Македонците порано беа југословенски државјани. Драматичен пораст од 50.000 луѓе со македонски пасош е регистриран во 1990-тите години. Во последните десет години бројот се зголемува значително побавно. „Мажите се во нешто поголем број од жените - 35.170 наспроти 32.000. Просечната старост на мажите е 38,1 година и тие престојуваат во Германија во просек 22 години. Просечната старост на жените е 37 години и тие во Германија престојуваат во просек по 18,6 години“, нагласува д-р Брикнер за Дојче веле.

Јаз меѓу официјалните бројки и реалноста

Речиси сите овие луѓе живеат во Германија од времето на поранешна Југославија. Македонскиот Државен завод за статистика има регистрирано само 1.100 лица кои се иселиле во Германија во периодот од 1994. до 2011. година. Виолета Крстева, раководител на Секторот за социјални статистики, за ДВ објаснува дека овој број се потпира врз административните евиденции кои се водат во Министерството за внатрешни работи. Секое лице што се иселува од земјата е должно да се одјави. Сепак, има луѓе кои земјата во којашто сакаат да се иселат прво ја посетуваат како туристи за да се информираат и запознаат подобро со можностите за живеење и работа, а потоа едноставно остануваат во таа земја. „Може да се случи овие лица да останат неевидентирани во определен период, но подоцна сепак влегуваат во евиденцијата“, потенцира Крстева, кој потврдува дека бројот на висококвалификувани луѓе кои се иселуваат од Македонија е се‘ поголем.

Научниците во Македонија исто така немаат прецизни податоци кои можат да фрлат малку повеќе светлина во приказната на иселување на луѓето во странство, а во тие рамки и во Германија. Се истражува, но сеопфатна студија нема, вели д-р Татјана Стојаноска, професор по социологија на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Таа потенцира дека големината на таканаречената „сива маса“, односно луѓе кои се иселиле, а не фигурираат никаде во статистичките податоци во Македонија како иселени, не е за потценување. „Бројките се едно“, вели д-р Стојаноска, „но во тие бројки не се наоѓаат луѓето кои заминуваат од земјата под псевдонимот бебиситерство, размена на студенти или посета и веќе не се враќаат“. Загрижувачки е што земјата ја напуштаат главно млади луѓе. „Меѓу моите студенти минатата година направивме истражување кое покажа дека околу 30 проценти од нив не ја гледаат својата иднина во татковината“, вели експертот по социологија и дополнува дека на Македонија и‘ е итно неопходна национална стратегија за земјата да не се претвори многу брзо во земја на стари луѓе. „Часот е пет до дванаесет“, предупредува д-р Стојаноска.

Tatjana Stojanoska Soziologin Skopje
Татјана Стојаноска, професор по социологијаФотографија: DW

Билет во еден правец

Бројките ги потврдуваат нејзините стравувања - во последните 19 години само 83 лица кои биле иселени во Германија се вратиле во Македонија. Има дури и такви како Илија Митрески од Охрид, кои се вратиле од Германија во Македонија и повторно сакаат да си заминат за Германија. „Македонскиот и германскиот начин на работа се оддалечени светлосни години“, вели Митрески, кој живеел и работел во Бремен долги години.

Ilija Mitreski
Илија Митрески - од Македонија во Германија, па назад и можеби пак...Фотографија: Milco Jovanoski

Магдалена Пешева тврди дека се‘ уште не ја донесла одлуката: „Можеби ќе се вратам во Македонија ако имам исти услови за работа и можности да работам на големи проекти како овде“, вели таа. Намерата може да се препознае.

Портрети на успешни Македонци во Германија

[No title]

Мирче Филипоски

Кнегиња Рихтер

Јован Балов

Оливер Стаматоски