1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците во Грција бараат настава на мајчин јазик

Милчо Јованоски 3 април 2013

Во училиштата да се учи на македонски јазик,а топонимите и имињата на јавните објекти да се двојазични. Ова го бара градоначалникот на општина Мелити од Министерот за образование на Грција и надлежната општина Лерин.

https://p.dw.com/p/188Uz
Фотографија: DW

„Грција е членка на Европската Унија и потписник на Повелбата за основните права на ЕУ со која сите земји – членки  се должни да ја заштитат јазичната разновидност.Тие се должни да ја поттикнат употребата на малцинските јазици кои се зборуваат на нејзината територија , дури и тогаш кога тие не се официјално признати, каков што е случајот со македонскиот“, стои во писмото на градоначалникот на Мелити (Овчарани) Панајотис Анастасијадис (Панде Ашлаков-на фотографијата горе), упатено до општина Лерин надлежна за Западна Македонија  и грчкиот министер за образование. Писмото пред на својата веб – страница го објави весникот „Нова зора“ гласник на партијата „Виножито“.  Градоначалникот Анастасијадис бара во сите основни и средни училишта македонскиот да се учи официјално. Топографските имиња на целата територија на општината да бидат на грчки и македонски, а тоа да се однесува и на имињата на јавните институции. Општината Овчарани има околу 2.500 жители од кои околу 95 проценти се Македонци. Македонски се зборува уште во околу 600 села и десетици градови, вклучувајќи го и Солун. Според слободни проценки низ цела Грција живеат стотина илјади Македонци.

Македонскиот јазик во училиштата ќе биде знак за демократизација на Грција

Грција  е потписник, но се уште не ја ратификувала Рамковната конвенција на Советот на Европа за регионалните и малцинските јазици. Анастасијадис, вели  дека токму во овој дел од Грција, населението не наидува на добронамерна заштита од државата во однос на употребата на јазикот што го зборуваат. „Граѓаните тука се отсечени од се’. Невработеноста расте, а се појавија и одредени феномени како што е „Златна зора“, што сите нас, кои сме дел на поинаков јазичен и културен идентитет, не плаши кога гледаме дека Грција со голема брзина се враќа во минатото кое беше полно со бегалци, забрани и страв“. Неправдите кон нас траат со децении ја потсетува грчката власт и јавност градоначаникот на Овчарани  Анастасијадис : „Со прифаќањето на ова барање Грција ќе покаже дека не подлегнува на носталгичните сеќавања на фашизмот и дека гледа напред. Со ова ќе се создадат услови сите оние кои зборуваат на македонски јазик и конкретно со дела, да се почувствуваат дека се дел од оваа држава и нејзини рамноправни граѓани.“

Dimitri Joanu Chefredakteur der Zeitung "Nova zora" in Griechenland
Дмитри ИоануФотографија: DW

Наскоро радио на македонски во Лерин

Реакции од надлежните во Грција  се уште нема. Но ова писмо сигурно ќе охрабри и други луѓе да ги бараат основните човекови права , вели за ДВ Димитри Иоану, главен уредник на весникот „Нова зора“ „Всушност, барањето македонскиот јазик да стане дел од образовниот систем на Грција е содржано во програмата на партијата „Виножито “. Во Солун подолго време веќе се организираат приватни курсеви по македонски јазик.  И покрај бројните пречки на кои наидува „Виножито“ не се откажува од скорешно отворање радио на македонски јазик во Лерин, ни потврди Иоану.