1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците ги очекува тешка есен?

15 август 2010

Македонија се соочува со бран поскапувања. Аналитичарите очекуваат стабилизација на цените,а владата најавува интервенција од државните резерви ако се остварат прогнозите за нов скок на цените во септември.

https://p.dw.com/p/Oo1z
Раст на цените на животните продуктиФотографија: DW

Тешка есен ги очекува македонските граѓани ако се суди според летниот бран поскапувања. Серијата ја отвори цената на парното греење кон крајот на јули. Август наместо стабилизација донесе раст на цените на повеќе прехранбени производи. Бензините поскапуваат во континуитет. Трговците се во паника оти им се намалува прометот, граѓаните се револтирани. Се жалат дека новите цени се сериозен удар за скромниот домашен буџет.

“Не можеме крај со крај да фатиме, ние сме пензионери со нашата пензија од 8600 денари издржувам деца, двајца внуци, синот не работи“.

Пад на прометот и скок на цените

Ако се направи листа на производи кои добија нови повисоки цени таа е навистина долга. Во исто време со поскапувањата, паѓа прометот во малопродажбата. Александра Стојковска, продавачка во синџирот Хедис маркети ги набројува поскапените артикли:

“ Маслото е поскапено, шеќерот, лебот, прометот во последните два месеца е доста паднат, 20 проценти е паднат сигурно, можеби поради одморите, но и поради поголемите цени“.

Mazedonien Land und Leute
Загриженост од нов бран поскапувањаФотографија: DW

Лебот поскапе за 3 денари, млекото за два, шеќерот за 5, а месото и маслото за јадење за по десет денари. Бран поскапувања ги зафати и зелените пазари. Најголемо е поскапувањето на доматите. Продавачите велат дека новата повисока цена не ја намалува побарувачката.

“Се‘ поскапе, најмногу доматот“.

Граѓаните се чудат зошто цената на доматот е толку висока.

“Ништо не се покачува, ни плата ни пензија, а се‘ поскапува“.

Растот на цените-само моментен тренд?

Инфлацијата е пониска во однос на истиот период лани. Аналитичарите сметаат дека растот на цените е само моментален тренд. Сем Вакнин го објаснува поскапувањата со глобалните случувања.

Markt in Skopje
Граѓаните го мерат секој денарФотографија: DW

“Овој сегашен бран поскапувања е резултат на климатските услови. Во Русија има пожари поради топлотниот бран, ориз не расте во Индија бидејќи е многу топло, поплавите во Кина уништија дел од жетвата и така натаму. Цените на пет производи кои се во лебот се зголемуваат, ориз, соја, пченка, жито, јачмен. Не мислам дека ризикот од инфлација е многу висок, се должи на климатските услови и кога климата ќе се стабилизра, ефектот врз цените ќе биде минимален“.

Владата најавува евентуална интервенција

Народната банка предупреди дека годинава инфлацијата ќе расте поради растот на цените на храната на светските пазари, владата најави дека ќе интервенира преку стоковните резерви ако се остварат прогнозите за 30 процентен раст на цените на прехранбените производи во септември. Официјалната статистика потврдува дека поскапувањата земаат се‘ поголем замав. Регистритан е 7 процентен раст на продажните цени на индустриските производи во јули годинава, во однос на истиот месец лани. Темпото на раст на цените во малопродажбата го остава без здив истоштениот животниот стандард и навестува жешка есен.

Автор: Горан Петрески

Редактор: Жана Ацеска