1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците пред „избор“-кич серии или неквалитет!

16 ноември 2010

Индиски медиумски сапуници и понекоја латино-американска серија, турски мелодрами или битки на подземјето со тајните служби-тоа е актуелната понуда од националните, но и повеќебројните локални телевизии.

https://p.dw.com/p/QAA3
Поплава од странски, меѓу нив и индиски серииФотографија: Presse

Овој бран го зафати и јавниот сервис, иако МРТВ беше промотор на квалитетни играни, документарни, научни и образовни серии и програми.

„МРТВ не е комерцијална телевизија и таа не може да го мери својот рејтинг на медиумскиот пазар со приватните. Медиумскиот простор е загаден се‘ повеќе од нискобуџетни и неквалитетни драматуршки турски, латиноамeрикански или српски серии. Не можеме да видиме домашна продукција на играна програма, не само кај комерцијалните, туку пред се‘ на екраните на МРТВ“, вели Мирче Адамчевски, новинар и екс-претседател на Советот за радиодифузија, контролно тело за електронските медиуми. Според него, во стапицата на гледаноста влезе и Македонската телевизија која не смее да се трка со приватните медиуми, чија гледаност е диктирана и од пазарот на маркетинг-клиентите.

Indien Film Schauspielerin Kirron Kher Filmszene Silent Waters
Претставување на туѓи култури и обичаиФотографија: picture alliance/dpa

Обнова на Македонската телевизија

Сличен став има и Аљоша Силјановски, програмски директор на МРТ.

„Доминираат серии од Далечниот Исток, што имаат минимум сценаристички стандарди, нискобуџетни, некои од нив не се ни лошо концепирани, но тоа се главно содржински така осмислени што говорат за традиции, навики, живот спротивен од европската динамика и контроверзи, култура и начин на живот“, вели Силјановски. Тој е познат ТВ и филмски режисер, музичар, автор на многу документарни серии, но и есеист кој се‘ повеќе пишува за потребата од обнова на Македонската телевизија.

Тој ги најавува двата крупни играни проекти, зашто само јавниот сервис има техничко-продукциски капацитети да ги создаде. Еден од нив е континиуитет на „Бушавата азбука “или подоцна -„ Учиме македонски“.

„Првпат во Македонија е авторизирана Три Д анимација под наслов ’Лексикомани’, како продолжение на добрата традиција на програми кои имаат за задача да образуваат млади и возрасни, да ги врзат како гледачи и внуците и дедовците. Таа е продуцирана со Институтот за македонски јазик и Факултетот за драмски студии и Детската радио- драма. Серијата ќе биде дистрибуирана и до македонските ислеленици, чија втора и трета генерација се‘ повеќе го заборава мајчинот јазик или дијалектите. Вториот проект е играна серија за македонското секојдневие и карактери наречена ’Хипер живот’“, вели Силјановски.

Диктат кон консументите

Spezialbild: Monsoon Wedding, Bollywood Film aus Indien
Фотографија: dpa

Медиумскиот комерцијален пазар сепак е преплавен од увезени играни програми, од доминантните индиски филмски индустрии. Во сенка се дури и американските криминалистички и акциони серии, малку има руски, а скромен е и проектот со грчката играна серија на ТВ Алфа, која е со низок аудио и сценаристички квалитет, коменираат нашите соговорници. Се‘ повеќе има унификација меѓу конкурентските национални телевизии, вклучувајки ги и реалните шоу-емисии што се преземени од Србија.

„Врз цели генерации се врши промена на свеста и притисок да се прифатат некои туѓи вредности и естетика, под изговор дека народот, гледачите тоа го бараат. Всушност, немаме избор, консументите се ставени пред ултиматум-или тоа или полошо“, вели познатиот македонски актер Сенко Велинов,советник и на македонскиот премиер Груевски за културна политика. „За националниот и културолошкиот обем на програма не може да се разговара со речникот на пазарот, ние сме мала земја и овие стожерни содржини и‘ припаѓаат на македонската телевизија како јавен сервис,“ вели познатиот драмски глумец. Велинов деновиве игра во 16-ет епизодната серија „Од денес за утре“, модерна, урбана, што сепак не е проект на ТВ Сител, туку на самостојна продукција на познатиот режисер Иво Лауренчиќ.

„Серијата покажа дека имаме капацитет за сомостојни национални серии, тоа бара пари, големи напори, но мислам дека ќе се покаже дека во иднина повеќе ќе се почитува домашното авторство“, истакнува Велинов.

Експанзија на српски турбо фолк

Ceca
Српски турбофолк за Македонците-Светлана Ражњатовиќ-Цеца

Од неделава, за првпат во македонскиот медиумски простор ќе стартува ТВ Пинк-МАК. Српската телевизија ја купи локалната ТВ К-15. Сопственик ќе биде познатиот српски могул Жељко Митровиќ кој долго преговараше и за преземање на ТВ Алфа која има национална лиценца и што предизвика остри реакции во дел од медиумите и весниците.

ТВ Пинк има огромно влијание во Македонија преку своите реални шоу емисии, а со експанзијата на српските народни песни и новокомпонираните хитови земјата е преплавена со турбо фолк, од кафеани, кафулиња, до свадби и медиуми. Неодамна екс-премиерот Љубчо Георгиевски тоа го нарече -рејугославизација во македонската култура и електронски медиуми.

„Тоа е еден страшен процес што е во тек и може да ја врати Макдонија во времињата на Србија во 90-тите. Понекогаш се поистоветуваат нациналистичките политики на тогашна Србија на Милошевиќ со крајно патриотските политичари во земјава“, оценува Младен Чадиковски, главен уредник на ТВ А1. Таа прва го внесе симултаниот превод за увезените серии, а македонските глумци многу вешто ги синхронизираат, пред се‘ доминантните турски ТВ програми со висока гледаност, од „Долина на волците“, до „Шехерезада“. Нашите соговорници тоа со доза на иронија го нарекуваат - навлекување на отоманството.

Автор: Александар Чомовски

Редактор: Жана Ацеска