1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонците-рекордери во голтање антибиотици, но и седативи

7 април 2011

Светскиот ден на здравјето, 7 април, годинава се одбележува под мото „Без акција денес – нема лек за утре“. Овојпат акцентот е ставена на потребата за намалување на прекумерната потрошувачка на антибиотици во Македонија.

https://p.dw.com/p/10pCc
Во аптека како во самопослугаФотографија: Sveto Toevski

Нерационалната, неконтролирана, напати и опасна по живот употреба на антибиотици во Македонија предизвикува растечка отпорност на микробите, третирани со тие лекови. Граѓаните во оваа држава голтаат „ампицилин“, „цефалексин“ и други видови антибиотици во количества двојно повеќе од европскиот просек. Исто така и денес, кога се одбележува 7-ми април, Светскиот ден на здравјето под мотото „Без акција денес – нема лек за утре“, со нагласка на борбата против антимикробната отпорност, македонските граѓани продолжуваат да вршат постојано голем притисок лекарите да им препишуваат антибиотици. Тоа се најбараните лекови во земјата. За нивна набавка Фондот за здравствено осигурување на РМ издвојува 20 проценти од своите вкупни трошоци.

Невзат Елези, декан на Медицинскиот факултет на Државниот универзитет во Тетово, се осврнува и на уште еден аспект во овој контекст:

„Но, и матичните лекари, одејќи на тоа да бидат ефикасни во лекувањето од разни болести, предизвикани од бактерии, честопати препишуваат двојни дози на антибиотици, или од еден вид, или од два различни вида. Со цел да се покажат како ефикасни и заради големата конкуренција меѓу лекарите.“

Mazedonien Tetovo Prof. Nevzat Elezi
Професор Невзат ЕлезиФотографија: Sveto Toevski

Во македонските болници се‘ уште нема „супербактерии“

Прекумерното користење антибиотици предизвикува појава и на така наречени „супер-отпорни бактерии“, на кои не им можат ништо ниту најсилните антибиотици. Според Институтот за јавно здравје на РМ, досега во земјата се пронајдени 38 видови многу отпорни бактерии.

Никола Пановски, професор во Институтот за микробиологија на Медицинскиот факултет на Државниот универзитет во Скопје, укажува на дел од наодите во врска со микробиолошката состојба во македонските болници:

„Мултирезистентни стафилококи имаме секој ден, ги изолираме по неколку. Пневмококи, отпорни на пеницилин, во наодите ги имаме по 20-30 проценти. За третирање на ваквите бацили е потребна терапија, која уште на самиот почеток е поскапа, поотровна и посилна. За неа се потребни повеќе пари и повеќе трае должината на лекувањето во тие случаи“.

10.02.2010 DW-TV Fit und Gesund Antibiotika 2
Антибиотиците се и опасни ако се земаат неконтролираноФотографија: DW-TV

Во Македонија владее „таблетоманија“

Националниот фармакоинформативен центар при Фармацевтскиот факултет на Државниот универзитет во Скопје секогаш на својата веб-страница објавува детални информации за предностите, но и штетностите од употребата воопшто за сите регистрирани лекови во земјата и во светот. Меѓутоа, во Македонија не се обрнува премногу внимание на такви информации и е присутна своевидна „таблетоманија“: се пијат во се поголеми количества не само антибиотици, туку и „лексилиум“, „диазепам“ и други видови седативи. Зошто?

Професорот Елези коментира:

„Граѓаните мислат оти, ете, нашле полесен пат: ќе испијат две-три таблети и ќе се смират, дека ќе ги заборават во моментот тешкотиите со кои се соочуваат во текот на денот, тешкотиите од животот. Но, не знаејќи дека само по неколку пати такво неконтролирано земање таблети за смирување ќе станат зависни. Во Европа ова се надминува со отворање разновидни институции, да речеме, рехабилитациони центри, каде што има психолози, се одржуваат 'средби за ментални состојби', само за да се одбегнува земањето такви таблети.“

Национална стратегија против антимикробната отпорност

Владата и Министерството за здравство забрзано ја подготвуваат националната стратегија за борба против антимикробната отпорност – документ кој треба да профункционира набргу. Со какви активности, ја прашавме д-р Голубинка Бошевска, национален координатор за антимикробна резистенција од Институтот за јавно здравје на РМ. Таа одговара:

„Се работи, пред се, за активности насочени кон населението, во смисла на негова едукација, натаму и кон лекарите – и оние матичните и оние во болниците. Потоа, со стратегијата ќе бидат спроведувани активности за едукација на фармацевтите, здравствените работници, медицинските сестри, накусо, сите оние кои се вклучени во пропишувањето и издавањето на антибиотиците. Антимикробната отпорност е растечки јавно-здравствен проблем во светот и во Македонија.“

Професорот Пановски, еден од авторите на стратегијата, нагласува:

„Наши проценки се дека најмалку 50 отсто од антибиотиците граѓаните ги пијат и во случаи на вирусни инфекции, кои ќе поминат сами од себе, кога организмот самиот може да ги совлада. Антибиотици не треба да се користат дури ниту против грип и настинки. Треба да се зголеми свесноста кај населението дека не треба да го потрошиме дејството на антиботиците денес, оти утре ќе бидат потребни нови посилни и поскапи такви лекови против овојпат и посилните и поотпорни бактерии.“

Експертите заклучуваат дека без зголемувањето на свесноста за штетноста од неконтролираната потрошувачка на антибиотици и тоа на сите рамништа, основниот приоритет вграден во споменатата национална стратегија, таа ќе пропадне.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Жана Ацеска